Собранието денеска, во рамки на 150. седница, го донесе Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид. Пратениците му дадоа „зелено светло“ и на Законот за изменување и дополнување на Законот за буџети, како и на Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
Сите закони беа донесени едногласно, без расправа и по скратена постапка.
Со Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид се предвидува до крајот на 2026 година да се пролонгира рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид за што Владата минатата недела на седница утврди предлог одредби за законски дополнувања со цел склучување нов, шести по ред анекс на Договорот за изградба со кинески „Синохидро“.
Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на Договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра. Тој износ според Министерството за транспорт и врски нема да се менува и покрај пролонгирањето на рокот.
Изведувачот се обврзува во рок од 28 дена од денот на потпишувањето на Анексот бр.6 кон Договорот, да поднесе ажурирана Програма за работа согласно Општите и Посебните услови на договорот – ФИДИК црвена книга со временски распоред на планот за разрешување на преостанатите нерешени прашања како и пуштање во сообраќај и примопредавање на секоја подделница посебно. Исто така, предвидено е формирање посебна работна група составена од претставници на Владата, Министерството за транспорт и врски, ЈП за државни патишта, Надзорот, Изведувачот и други релевантни страни и институции се со цел навремено решавање на отворените прашања.
Претходно во образложението за потребата од носење на законското решение министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека според добиените дописи, мислења и укажувања од страна на надзорот и ФИДИК експертот кој бил ангажиран од страна на Јавното претпријатие за државни патишта и Владата, прогресот на работите е 83,84 проценти, поради што Владата предлага до Собранието продолжување на рокот за реализација на овој проект.
-Законот не повлекува дополнителни финансиски импликации. Причините за продолжување на рокот на реализација на овој проект се добро познати на јавноста – поради појавувањето во најголем дел на 13 нови свлечишта на самата траса за која е потребно дополнително проектирање на технички решенија со цел да се решат пропустите во техничката документација кои се пријавија при реализацијата на овој проект, рече тој.
Во однос на реализацијата на проектот по одделни објекти на трасата, Бочварски информира дека објектите се реализирани со 88 проценти, тунелите со 93 проценти, ископот на земјениот материјал со 83 проценти.
Целта на носењето на Законот за изменување и дополнување на Законот за буџети, како што истакна пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ во образложението за неговото носење, е техничка исправка по барање на претседателот на Фискалниот совет, на членовите и на министерот за финансии со која се овозможува подобро екипирање на Фискалниот совет.
-Со цел подобро екипирање на членовите на Фискалниот совет се прави измена во статусот на вработените за да може тие што ќе бидат вработени во Фискалниот совет да имаат подобри услови да го изработат тоа што согласно законот се бара од нив. Се работи за тело кое ќе треба да им користи на финансиските институции во државата и ќе треба да работи на анализи и истражувања за што се потребни магистранти и докторанти. За да се привлече ваков кадар треба да се обезбедат услови кои во овој момент не ги дозволува законот, рече Стојаноски.
Со Законот за изменување и дополнување на Изборниот закон, пак, се допрецизираат одредбите за определување на редниот број на гласачкото ливче за двата изборни процеси, односно политичките парти кои предложиле или поддржале кандидат за претседател на државата да можат да ги задржат извлечените редни броеви и за парламентарните избори за поедноставна презентација пред граѓаните. Другите политички партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори, пак, дополнително по пат на жребка ќе извлечат редни броеви под кои ќе настапат на изборите.
-Заради поедноставување на постапката на определување на реден број на гласачкото ливче подносителот на листата на кандидати за претседател на државата ќе може со писмена согласност да дозволи неговиот реден број истовремено да се користи и на гласачкото ливче и за друга листа на кандидати за друг на вид на избори доколку кандидатот, односно кандидатите се поддржани од иста политичка партија или коалиција или користат ист симбол, појасни пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ кој ја предложи оваа точката на дневниот ред на седницата.