Пожарот е изгаснат, нема активно горење, но има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места. Преостануива да се дозатрупа уште дел од опожарената површина, изјави утрово Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за ситуацијата на местото на пожарот во Трубарево кој избувна вчера пред 14 часот во складиште за рециклирање пластичен, електронски отпад и батерии.
Во видеоизјава Ангелов вели дека благодарение на „храбрата, брза и пожртвувана интевенција на скопските пожарникари, како и на целокупната одлично организирана акција за гасење на пожарот, четири објекти на локацијата биле спасени“ иако, како што рече, се наоѓаат директно до опожарените објекти на компанијата „Ф“.
-Од она што можам да го забележам овде, се работи за големи бали со пластичен отпад, пластични шишиња и друг отпад, уредно спакувани. Пожарот е изгаснат. За жал, се уште имаме активно чадење. Делот каде што се наоѓаат литиумските батерии е затрупан со песок, на некои места е користена земја, онаму каде што нема литиумски батерии односно електронски отпад. Но, има чадење преку песокот и посипаната земја. За жал, чадењето се уште е силно, пожарникарите работат на навлажнување на песокот заради догаснување на пожарот, бидејќи ваков електронски отпад е исклучително тежок за гасење. Пожарникарите работеа во текот на целата ноќ, истакна Ангелов.