Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани ги осуди синоќешните настани во Куманово и оцени дека е можно тие да се предизвикани намерно со цел да создадат дестабилизација, а на полицијата е, вели, да ги истражи и разреши.
-Мислам дека за тоа треба да кажат органите на редот и мирот, односно полицијата. Такви настани секако дека не помагаат, дека се можеби намерно дизајнирани да создадат инциденти, тензии, дестабилизации за кои што ние поголем период зборуваме. Секако дека и јас ги осудувам и треба секој граѓанин на оваа земја да ги осуди, бидејќи таквите настани не не водат напред, туку сакаат да не држат тука каде што сме, а и полошо да не вратат назад, вели Муртезани прашан во својство на претставник на коалицијата ВРЕДИ која е дел од Владата, за коментар за синоќешните настани во Куманово.
Ноќеска во Куманово беа опожарени деловен објект на улица „11 Октомври“ и три патнички возила на улиците „Трст“, „Вардарска“ и „Никола Вапцаров“, од кои едното „фолксваген пасат“ било во сопственост на јавниот обвинител Џелал Бајрами.
Увид извршила екипа од СВР Куманово, известен е и јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случаите.