Денешната кампањата за претседател на Република Македонија на Гордана Силјановска Давкова заврши со митинг во Битола.
Во својот говор таа се осврна на обвинувањата од власта дека Македонија ќе биде изолирана земја, па со факти ги поби овие тврдења.
-Деновиве слушам дека ако сум станела јас претседателка, а господинот Мицкоски премиер, оваа држава ќе била изолирана. Интересен феномен! Еве јас ги прашувам, тие што тврдат дека сме изолирани, а дека тие се внатре во Европската Унија, кој нив ги поддржува на овие избори? Веројатно чувте дека легендата на Европските народни партии, Дорис Пак, мене јавно ме поддржа. Овде беше присутна во знак на поддршка, дури и вчера не придружуваше на собирите една од најпознатите пратенички од шведскиот Риксдаг, Маргарета Цедерфелт. Дали е тоа изолација? Во Букурешт имав можност, благодарение на ВМРО-ДПМНЕ, да се сретнам со многу познати политички личности. Па, за каква изолација зборуваат! Не можам, а да не ви пренесам дека на бината каде седеше госпоѓата Фон Дер Лајен и останатите европски челници, говореше господинот Христијан Мицкоски. Епа, кој е изолиран? Дали оној кој не може да влезе на забава кај своите партии или оној кој зборува за европската иднина на Македонија на самитот на Европските народни партии, истакна Силјановска Давкова.