Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на Светскиот самит на владите во Дубаи, како главен говорник на сесија посветена на демографските промени.
Говорејќи за падот на бројот на населението, посочи дека нашата држава и регионот се соочуваат со троен притисок: ниска стапка на наталитет, висока емиграција и брзо стареење на населението и ги сподели проекциите, според кои, македонското население може да се намали од сегашните 1,8 на 1,2 милиони до 2070 година, однос загуба од 33% од сегашното население.
Оваа тријада од пад на стапката на раѓања, емиграција и стареење, според претседателката, го намалува бројот на работоспособно население и го зголемува товарот врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем.
Тоа, според Сиљановска-Давкова, врши притисок на мала и отворена економија како нашата.
Повика на реформирање на институциите, односно реформи во судството и на јавната администрација, но и на забрзана дигитализација на јавните услуги.
Посочи на потребата младите да ја добијат заслужената улога на двигатели на промените, преку нивно поставување на чело на дигиталната и на економската трансформација, но и преку нивно вклучување во креирањето политики.
Важно според неа е и вклучувањето на дијаспората, како мотор на интелект, иновации и инвестиции.
Повика на изградба на демографски отпорно општество, преку создавање општество во кое луѓето ќе останат да живеат и да формираат семејства.
Интегрален текст од изјавата:
„Ви благодарам на поканата да се обратам на Светскиот самит на влади во Дубаи. Драго ми е што сум тука од најмалку две причини. Прво, оваа година одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи со Обединетите Арапски Емирати и, второ, затоа што верувам дека овој самит и денешната тема нè засегаат сите.
На 11 јули 1987 година, во поранешна Југославија, беше родена петмилијардитата личност. По тој повод, генералниот секретар на ООН долета во главниот град Белград со посебен подарок за македонскиот дипломат Лазар Мојсов, којшто во тоа време беше претседател на Федерацијата. Подарокот беше часовник за население, којшто ги броеше популациите на светот и на Југославија.
Оттогаш поминаа 39 години.
Според моите сознанија, часовникот за население сè уште отчукува и, според проекциите на ОН од 80-тите години на минатиот век, до сега, светската популација требаше да достигне околу 10 милијарди луѓе. Сега непостоечката Југославија требаше да брои околу 30 милиони, додека мојата земја, околу 2,5 милиони.
Неодамна спроведениот македонски попис покажа дека всушност бројот на жители е намален на 1,8 милиони. Дури и ако го собереме бројот на жители на сите поранешни југословенски земји, ќе ни недостасуваат најмалку 10 милиони жители од проекциите на ОН. Во прилог на ова, светската популација изнесува 8,3 милијарди.
Критичните моменти, како што се крајот на Студената војна, насилниот распад на Југославија, продолжената демократска транзиција и консолидација, како и одложената интеграција во ЕУ, го натераа населението да се исели не само од мојата земја, туку и од целиот регион. Глобализацијата на индивидуализмот и конзумеризмот, исто така, резултираа со промена на начинот на живот и преференциите.
Како резултат на тоа, мојата земја и целиот регион на Југоисточна Европа се соочуваат со троен притисок: ниска стапка на наталитет, висока емиграција и брзо стареење на населението. Според најновите проекции, македонското население може да се намали од сегашните 1,8 на 1,2 милиони до 2070 година. Тоа е загуба од 33 % од сегашното население.
Ова не е исклучок, туку правило. Многу од вашите земји се соочуваат со слични демографски предизвици. Го гледаме ова на сите континенти, без оглед на религиозните и културните традиции или статусот на развој и нивоата на приходи. За првпат во човечката историја, има поголем број граѓани на возраст над 65 години отколку под 5 години. Ова не е само статистика, туку фундаментална демографска промена во човечката историја. Научникот за податоци Стивен Џ. Шо го нарече ова светска криза и пад на стапката на раѓања.
Оваа тријада од пад на стапката на раѓања, емиграција и стареење го намалува бројот на работоспособно население и го зголемува товарот врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем. Ова врши притисок на мала и отворена економија како нашата.
Поранешниот новинар на „Фајненшл тајмс“, Џајлс Мерит, со право забележа дека „нема примери за просперитетна економија со намалена работна сила“. Значи, ова нè доведува до прашањата:
Какви мерки можеме да преземеме за да ја зголемиме стапката на наталитет, да ја намалиме емиграцијата и да го забавиме стареењето на вкупното население?
Како можеме да постигнеме одржлив раст и развој и покрај овие предизвици? Што можеме да направиме за демографијата да не стане наша судбина?
Од една страна, некои западноевропски земји се потпираат на увоз на мигранти. Таму одат многу од најдобрите и најпаметните од мојата земја и од мојот регион за да го исполнат својот потенцијал. Од друга страна, некои источноазиски земји се надеваат дека роботиката и вештачката интелигенција на крајот ќе го премостат јазот. Се очекува големината на глобалниот пазар на „Темни фабрики“ да порасне од 42 на 76 милијарди американски долари до 2032 година.
Што се однесува до нас, не сме доволно богати за да привлечеме мигранти, ниту да си дозволиме роботи. Наместо тоа, мора да ја обновиме социјалната доверба, да го обновиме социјалниот договор во Русоова смисла, со реформирање на институциите, одговарање на потребите на младите луѓе и допирање до дијаспората. Верувам, ова е релевантно за целиот балкански регион.
Едно неодамнешно истражување на „Оксфорд аналитика“ покажува дека, на долг рок, самата финансиска поддршка не е доволна за да ги охрабри возрасните лица да се одлучат да имаат повеќе деца. Она што е потребно е комбинација од политики коишто ги ублажуваат тензиите меѓу работата и семејниот живот. Како земја, нудиме комбинирани пронатални политики, како што се рамнотежа меѓу работата и животот, поддршката за децата, родителите и семејствата. Имаме даночни олеснувања за основање семејства и за раѓање деца. Земјата финансиски поддржува до шест обиди за ин витро оплодување за секое семејство што се обидува да има деца. Отвораме установи за грижа за деца и училишта. Но, за да се постигнат резултати, овие мерки мора да бидат поддржани и со промена на целокупната средина.
Преку транспарентен и инклузивен процес во сите сектори на општеството, ја развивме и ја усвоивме Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 година. Една од нејзините цели е демографска ревитализација и социјален развој. Основавме Министерство за социјална политика, демографија и млади и назначивме Национален координатор за демографија и млади.
Прво, реформирање на институциите. Без луѓе ништо не се случува, но без институции ништо не трае. Долгата демократска транзиција и продолжената интеграција во ЕУ ги оддалечи македонските граѓани од институциите за кои смета дека се бавни, неефикасни и корумпирани. За да се промени ваквата перцепција, ја спроведуваме Агендата за реформи на ЕУ со цел да создадеме дом каде што младите семејства ќе можат да напредуваат. Се фокусираме на три институционални столба.
Прво, реформи во судството. Правдата е основа на довербата и на предвидливоста. Нашата цел е да имаме владеење на правото наместо владеење на луѓето. Затоа создаваме професионално, независно и ефикасно судство и ги искоренуваме корупцијата и другите причини коишто ја нарушуваат правдата.
Второ, реформи на нашата јавна администрација. Со усвојување на современ систем за управување со човечки ресурси, нашата Влада има за цел да ја трансформира државната служба и, од бариера којашто ги оддалечува луѓето, да ја претвори во кредибилен и одговорен партнер којшто им служи на граѓаните.
Трето, забрзана дигитализација на јавните услуги, со што истите стануваат транспарентни и достапни за секој македонски граѓанин.
Преку овие и многу други реформи, ја обновуваме довербата во институциите, за да можат нашите млади со сигурност да изберат да останат, да формираат семејства и да ја одгледуваат следната генерација.
Ова ме доведува до вториот аспект од тој општествен договор, а тоа е одговорот на младите луѓе. Анкетите покажуваат дека над 40 % од младите размислуваат да ја напуштат земјата. Емиграцијата стана тренд. Целиот Балкан се соочува со масовен егзодус којшто предизвикува сериозна демографска и демократска криза.
За да ги задржиме младите луѓе во земјата и во регионот, мора да престанеме да ги гледаме само како демографска статистика и да почнеме да ги гледаме онакви какви што навистина се ‒ двигатели на промените. Нема напредок без омилениот збор на младите луѓе: „Зошто?“. Нема автентична демократија без нивниот бунтовен глас, креативност и крик за социјална правда.
Ако сакаме да ги задржиме младите луѓе, треба да им дадеме предизвик и да ги поставиме на чело на дигиталната и на економската трансформација. Овој чекор започнува со усогласување на образованието со реалните потреби на пазарот на трудот. STEM, високотехнолошките вештини и доживотното учење мора да го заземат местото на старомодните наставни програми.
Но, не само тоа. Треба да ги вклучиме во креирањето политики. Целта на Законот за учество на младите и младински политики, како и на Младинскиот совет којшто го основав, е да ги постави младите во самиот центар на креирањето политики, со што ќе се осигура дека тие активно ја обликуваат иднината на земјата. Со ова ја обновуваме довербата меѓу генерациите и повторно градиме друг дел од општествениот договор.
На крајот, дијаспората. Веќе не ја третираме дијаспората како извор на дознаки, туку како мотор на интелект, иновации и инвестиции. Како наш најголем стратегиски ресурс, дијаспората може да биде клучен двигател на македонската економија, чувар на македонскиот идентитет, промотор на македонската култура и најдобар амбасадор во светот.
Физичко враќање не е секогаш можно. Но, со усвојување на новата Национална стратегија за дијаспора, ја поттикнуваме циркулацијата на мозоци преку дигиталната инфраструктура, дозволувајќи им на професионалците да придонесат за македонското општество и за економијата, работејќи глобално. Македонската дијаспора е второто крило на нацијата. Впрочем, потребни ни се обете крилја за да летаме.
Зборувајќи за крилјата, дозволете ми, да го завршам овој говор со една приказна. Неодамна, National Geographic го прикажа наградуваниот документарен филм инспириран од една македонска народна приказна за „Силјан Штркот“. Оттука доаѓа и моето моминско презиме, Сиљановска.
Штрковите не носат бебиња, но нивната симболика е што се враќаат во своето гнездо, за да одгледаат нова генерација. Демографијата не мора да биде судбина. За да го запреме егзодусот, за да ја спречиме емиграцијата и да ги зголемиме стапките на наталитет, треба да изградиме демографски отпорно општество. Ова подразбира создавање општество во кое луѓето ќе останат да живеат и да формираат семејства. Се надеваме дека, со сите мерки, со променета перспектива, ќе има преродба.“