На инаугуративна седница во Собранието, Гордана Силјановска-Давкова даде свечена изјава за стапување на функцијата претседател на Северна Македонија во мандатниот период 2024 – 2029. Силјановска-Давкова – шести претседател и прва жена на оваа позиција од осамостојувањето на државата се обврза дека должноста ќе ја извршува совесно и одговорно, ќе го почитува Уставот и законите ќе го штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независност Република Македонија.
-Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите, ќе бидам претседателка и на левата и десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив по етничка, верска, полова ни по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку и најголема обврска и одговорност, истакна Сиљановска-Давкова на инаугурацијата на 151 седница на Собранието, која ја водеше досегашниот нејзин претседател Јован Митрески.
Својот говор таа им го посвети на жените кои, рече, се оние заради кои се нафатила да се кандидира за оваа должност и затоа што сака да ги инспирира дека е можно во земјава и жена да стане претседател на државата.
Нагласи дека довербата е многу важна и таа ќе ја оправда затоа што ја добила оваа можност и затоа што, рече, добила шанса да биде опкружена со многу жени.
Првиот и основен критериум „за дружење“ со неа ќе биде стручност и компетентност, а владеење на правото е тоа што оваа држава, рече, ќе ја направи европска, а не „владеење на малкумина, не владеење на мажите“.
Порача дека е време е за единство „кое може да значи и женска филозофија и женска автентичност“ и дека државата ја имаме благодарение не само на комитите и партизаните, туку и на комитките како Сирма Војвотка и на партизанките како Вера Циривири-Трена, Вера Јоциќ и Ибе Палкуќа.
-Бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се за сите останати…За жал, жените ги нема многу во политиката. Среќна сум што ќе инспирирам други жени. Ако можам да бидам јас претседателка, можете и вие. На Балканот е се уште жив патријархатот, а силните жени може на поинаков начин да ги решаваат проблемите, цврсто верувам во тоа. Многу храбри жени и умни жени сум видела во овој Парламент, но се чудев зошто ги нема на највисоки позиции. И еве, се случи и тоа. Јас ќе го пробивам патот, ама овде – и од десно, и лево, и среде, гледам многу умни, многу посветени жени кои ќе ги носам во умот и во срцето, истакна новоизбраната претседателка.
Посочи и дека самата не можела да замисли ваква доверба со гласови од над 560 илјади граѓани и дека се уште не може да верува во тоа, а дека единствен човек кој тврдел дека тоа ќе се случи, рече, бил Христијан Мицкоски, кој ја уверувал дека „тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите“.
По заклетвата во Собранието, според најавата, Силјановска-Давкова на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, во Кабинетот на Претседателот во „Вила Водно“ ќе ја преземе функцијата од досегашниот претседател на државата, Стево Педаровски, со кого потоа ќе има тет-а-тет средба.
Уверението за избран Претседател на Република Северна Македонија од Државната изборна комисија таа го прими вчера, на својот 71-роденден, откако беше објавен конечниот извештај од Претседателските избори одржани на 24 април и 8 мај за кои немало приговори за постапката за сумирање на резултатите.
Според конечните резултати, Силјановска-Давкова добила 561 000 гласови, а 251 899 избирачи гласале за Стево Пендаровски – нејзин противкандидат и на претходните Претседателски избори во 2019 година.
Кандидатурата на Силјановска-Давкова за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше официјализирана на конвенција на 2 март 2024.
Универзитетската професорка по уставно право и политички систем тогаш порача дека „Изборите ќе го означат новото време“, а нејзината изборна кампања го имаше слоганот „Македонија повторно горда“.