-Денес се планира да се направи една тура низ градот Штип. Ќе се оди до Домот во населбата Пребег, оттаму продолжуваме во населбата Баби, каде ќе има делење на пакетчиња и чоколади на најмалите. Од таа населба продолжуваме во Дузлак и крајната дестинација е плоштадот „Слобода“, каде очекуваме најголема масовност, изјави организаторот Драган Атанасов.
Целта е настанот да добие добро организирана форма, но и хумана суштина.
-Станува збор за хуманитарна акција којашто ја преземаат љубители на велосипедизмот, за сѐ со цел да ги усреќиме најмалите, да направиме хуманитарно дело – посета на домовите за деца без родители во Штип, како и да споделиме дека велосипедистите се дел од сообраќајот насекаде во овој град. Сакаме да пренесеме порака до сите дека велосипедизмот е спорт којшто треба да се негува, треба да ја продолжиме оваа традиција, рече Атанасов.
Годината се завршува со велосипедска тура, а така и ќе се почне, зашто велосипедистите имаат планирано низа активности за 2024 година.