Пред точно шест години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија и се отвори патот кон евроатлантската интеграција, но и кон нови перспективи во билатералните односи со Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Договорот беше постигнат во период кога кај јужниот сосед на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ и го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Земјата стана 30-та членка на НАТО и (делумно) се отвори патот за членство во Европската Унија, а Северна Македонија, на југ, како што доста често се слушаше од двете страни, доби земја-пријател, но и сојузник.
На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.
Во Грција, иако една година по потпишувањето, се смени власта, сепак, Договорот се почитува, во изминатите години беше интензивирана соработката меѓу двете земји, во низа области како што се економијата, енергетиката итн, а Атина е силен поддржувач на европската перспектива на сите земји од регионот, меѓу кои и нашата.
Ставот на Владата на Нова демократија е дека и покрај тоа што како опозиција не го поддржаа Договорот, сметајќи дека е штетен за националните интерес, како Влада има обврска да го почитува, бидејќи станува збор за меѓународен договор што ја обврзува секоја Влада во рамките на континуитетот на државата.
Токму ова е и пораката што официјална Атина ја упатува до Скопје, сега, кога и кај нас има промена на власта.