Во скопската населба Лисиче се наоѓа една од најубавите училишни згради во Скопје.
Новата градба, најсовремено опремените училници и кабинети, стручниот и посветен кадар го прават ООУ „Димитар Македонски” институција во која децата ги поминуваат најубавите години.
Позитивната енергија, радоста, честитките за работата и талентите денес го исполнија и украсија училишниот двор. На едно место се собраа учениците, наставниците, родителите, стручниот кадар, поранешните ученици, пензионираните професори и гости. Имаа за славење посебен, голем повод.
Денес ова училиште го слави својот патронен празник, се одбележуваат шест децении постоење.
Учениците со помош на своите наставници имаа подготвено настапи, славеа низ музика и игра, но настапија и со поучна кратка претстава против врсничко насилство.
Присутните ги поздрави директорката на училиштето Марина Спасовска, која со претставници од општина Аеродром и стручните служби на училиштето претходно положи свежо цвеќе пред бистата на Димитар Македонски.
-Денес е посебен ден за сите нас, ден кога го празнуваме нашиот Патрон и со задоволство се сеќаваме на сите активности и постигнувања на нашето училиште. ООУ „Димитар Македонски“ се карактеризира со посебен дух, препознатливост по квалитетот на образовниот процес и стручноста на наставниот кадар. Како резултат на сето тоа низ годините имаме успешни ученици кои се истакнати и препознаени во општеството, бројни признанија и високи постигнувања на сите чинители на образовниот процес, рече директорката.
Таа искажа благодарност до сите вработени во училиштето кои несебично и посветено се вложуваат во својата работа со цел да бидат креатори на здрава иднина и здраво општество.
Настапите на децата внесоа забава во празнувањето, положувањето цвеќе пред бистата беше искажување на почит кон великанот Македонски, а емоциите кај сите присутни беа видливи.
Родителите и наставниците со гордост ги следеа детските чекори, поранешните ученици се вратија во спомените на годините поминати во ова училиште, а присуството на пензионираните наставници беше доказ дека секој кој бил дел од ООУ „Димитар Македонски“ секогаш ќе го носи ова место во своето срце.
За Димитар Македонски
Патронот Димитар В. Македонски е еден од плодните преродбеници, но и заслужен просветител, учебникар и публицист, борец за национални и црковни права на македонскиот народ во 19-тиот век.
Роден е во с.Емборе, Кајларско, Егејска Македонија во 1847 год. Образованието го започнал во своето родно место, а го завршил во Белград. Во Цариград ги совладал францускиот, германскиот, бугарскиот и италијанскиот јазик, а подоцна и рускиот и англискиот јазик, со што станал полиглот, нешто што била вистинска реткост, но и богатство за македонскиот народ во неговото време.
Во своите најплодни творечки години, се вклучува во разбудениот и освестен дел од македонската интелегенција, која се бори за политичка и национална слобода на Македонците.
Ликот и делото на Македонски е нешто што со гордост се слави, а денес училиштето кое го носи неговото име покажа како достојно се прославува.