Македонија Реформи во високото образование

Шамбевски: Без научни трудови и меѓународна видливост, универзитетите тонат во просечност

Ако сакаме нашите деца да имаат сериозни извори и пренесувачи на знаење, мора да инсистираме на научна продуктивност и меѓународна видливост“, порачува Шамбевски.

Шамбевски: Без научни трудови и меѓународна видливост, универзитетите тонат во просечност

Амбасадорот Оливер Шамбевски јавно изрази целосна поддршка за ставовите на премиерот во врска со состојбите во високото образование, оценувајќи дека проблемите се длабоки, системски и одамна алармантни.

Во својата реакција, тој потенцира дека со години укажува на, како што вели, „очајната состојба“ во високото образование и потребата од воспоставување ред, особено во универзитетскиот сектор. Како еден од најилустративните показатели ја посочува позицијата на македонските универзитети на Academic Ranking of World Universities (ARWU), каде што ниту една домашна високообразовна институција не се наоѓа меѓу првите 2000 во светот.

За разлика од земјава, регионалните центри како University of Ljubljana (ранг 501–600), University of Zagreb (601–700) и University of Belgrade (401–500) веќе се позиционирани на глобалната академска мапа. Според Шамбевски, овој јаз е „срамен и болен“, особено ако се има предвид дека сè поголем број млади заминуваат да студираат токму во овие земји.

Тој нагласува дека објавувањето трудови во реномирани научни списанија, списанија со фактор на влијание и присуството во меѓународни бази на податоци не претставува каприц, туку минимум стандард доколку државата сака конкурентни универзитети и квалитетен пренос на знаење.

„Ако сакаме нашите деца да имаат сериозни извори и пренесувачи на знаење, мора да инсистираме на научна продуктивност и меѓународна видливост“, порачува Шамбевски.

Шамбевски посочува и на личната димензија на проблемот, истакнувајќи дека е тешко да прифати оти пред повеќе од три децении добил, како што вели, врвно образование, а денес состојбата наместо да напредува – назадува. Според него, природно е секоја генерација да создава подобри услови за следната, а не спротивното.

Во однос на најавените законски измени, тој повикува на суштинска дебата, прифаќање аргументирани критики и корекции таму каде што е потребно. Само така, смета Шамбевски, може да се постави солидна основа за вистинско и квалитетно подобрување на високото образование.

„Од мене – целосна поддршка“, заклучува тој, нагласувајќи дека реформите се нужност, а не избор.

Апсолутно и целосно се согласувам со оваа дискусија на премиерот!
И не заради тоа што е, не знам политички опортуно,…

Posted by Oliver Shambevski on Thursday, February 26, 2026

Најнови вести од Македонија

To top