Македонија Интервју

Шабан Салиу: Шуто Оризари ќе го исчистам од ѓубрето и ќе го извлечам од мракот!

Кандидатот за градоначалник ветува чисти улици, нов систем за јавен превоз и современо осветлување – „Ќе ја извлечам општината од мракот и ќе ѝ го вратам достоинството“

Шабан Салиу: Шуто Оризари ќе го исчистам од ѓубрето и ќе го извлечам од мракот!

Во што е суштината и мотивот на вашата кандидатура за градоначалник на Шуто Оризари?

Шуто Оризари премногу долго се водеше со логика на различни видови на преговарања и личен комодитет, наместо со правила, почитување на законите и уважување на јавниот интерес. Кога одлуките се кројат зад затворени врати, прво страда секојдневието, во кое гледаме лошо одржувани улици, недоволно осветлување, непредвидлив јавен превоз, отпад расфрлан и натрупан насекаде.

Во општината имаме еден куп проблеми, кои во една крајна линија го газат достоинството на моите сограѓани. Како човек кој повеќе од три децении е во политиката и води грижа за Ромите, ова не можам да го дозволам, не можам да стојам настрана пред оваа дивеење во општина Шуто Оризари.

Затоа мојата кандидатура за градоначалник  е понуда до граѓаните за пресврт. Да имаат општина со строги процедури, јасни стандарди и трага за секоја одлука и за секој потрошен денар.

Кои се првите три чекори во првите 100 дена што луѓето ќе ги почувствуваат?

Прво, организирано ќе настапиме во отстранување на отпадот од улиците.. Веднаш ќе се пристапи кон чистење на дивите депонии, ќе се воспостави ред во контејнерскиот систем. Секое семејство мора да има пристап до контејнери каде ќе го фрла отпадот. Но тоа не е доволно, затоа ќе се воведи сосема нов пристап во празнењето на контејнерите, ќе се постави временска динамика на нивно празнење која нема да доведе до ситуации на преполни контејнери. во која и поставување зелени точки за селекција.

Сега Шуто Оризари практично е изолирано во пристапот до јавниот превоз. Затоа тоа е следниот проблем со кој ќе го решавам во првите 100 дена од мојот мандат како градоначалник. Потребна е волја и знаење, за да се надмине овој проблем. Шуто Оризари ќе добие пристап до јавен превоз  кој ќе биде усогласен со работниот и училишниот ритам, јавно објавен на постојките и онлајн.

Понатаму, во првите 100 дена, Шуто Оризари мора на светне, мракот од улиците и населбите ќе го истиснеме. Веднаш ќе се пристапи кон поставување на дополнителни светилки во зоните од општината кои воопшто не се или пак се недоволно осветлени.

Конкретен план за улици, осветлување, превоз и отпад — кои се носителите и од каде се средствата?

Почнуваме со регистар на итни точки по маала и населби, за да нема селективност и импровизација. Ќе работиме фазно, најнапред главните пристапи и коридори, потоа внатрешните улички. За осветлувањето, ќе имаме програма со енергетски ефикасни светилки, мапа по улици и јавно објавени рокови за вградување. Кај превозот, ќе се пристапи веднаш кон координација со ЈСП за трасите и распоредот, инфо-табли на терен и онлајн следење. Во делот на отпадот,  освен што ќе го исчистиме, веднаш ќе започнеме и со постапка  за фабрика за преработка на отпад. Односно Шуто Оризари ќе доби постројка во која ќе се преработува селектиран отпад и ќе се произведува струја и топлинска енергија.

Во однос на изворите на финансирање, носител ќе биде Општина Шуто Оризари со транспарентни набавки и задолжителна ревизија. Секако, нема да може да го исклучиме и партнерскиот однос со  Град Скопје, надлежните јавни претпријатија и државни институции. Средствата би биле  комбинација од општински буџет, градски и национални програми, како и донаторски и европски линии за енергетска ефикасност и екологија.

Вработување и локална економија: каде, конкретно, гледате нови работни места?

Ќе претвориме слабоста на Шуто Оризари во сила, како и што споменав, ќе создадеме услови за развој на индустрија со управување со отпад — селекција, рециклажа, логистика, сервис и одржување. Околу тој капацитет природно ќе се појавуваат мали бизниси, како што е пакување, транспорт, сервисирање. Паралелно, ќе отвориме микро-индустриски зони со заедничка инфраструктура каде условот е јасен: колку повеќе локални работници вработувате, толку пониски фиксни трошоци ќе имате. Тоа е фер договор со кој ќе расте и бизнисот и општината.

Една од насоките  е и развивање на  економијата на нашата, ромска автентичност. Шуто Оризари ќе добие организиран пазар на занаети и културни производи со ознака „Произведено во Шуто Оризари“, поврзан со културни настани и туристички рути. За младите и жените ќе воведеме бизнис инкубатор, менторство, микро-кредити и ваучери за дигитални и занаетчиски вештини, како и пакет „Врати се дома“ за нашите иселеници што сакаат да основаат бизнис тука.

Многумина зборуваат за „транспарентност“, но ретко ја гледаме. Како ќе стане опиплива и проверлива?

Транспарентноста не е плакат, туку навика и систем. Ќе го направиме буџетот читлив и отворен, договорите, фактурите, урбанистичките одлуки и јавните набавки ќе се објавуваат навремено со документација што секој може да ја прегледа. Проектите ќе имаат интерактивна мапа со рокови и изведувачи. За крупните зафати ќе имаме јавни расправи и пренос во живо.

Но суштината е карактерот на идниот градоначалник, а тоа е да го става јавниот интерес пред партијата, процедурата пред импровизацијата. Таквиот однос создава доверба и пред избори и после избори. Ако градоначалникот го нема тој личен квалитет, тогаш џабе се и најдобрите закони. Затоа, личниот кредибилитет и интегритет се мојот најголем влог во овие локални избори.

Советот често е партиски поларизиран. Како ќе обезбедите вистинска застапеност на граѓаните?

Нашата политичка култура е да има дисциплина кон правилата и интересот на жителите на Шуто Оризари, а не кон партиските структури. Советот треба да биде место на аргумент и процедура, не на дневни калкулации. Ќе инсистираме на јасни образложенија за секоја одлука, спречување судир на интереси, објавување материјали пред расправа и редовно информирање. За клучни прашања  ќе има отворени седници и јавноста ќе биде активно вклучена.

Составивме листа со луѓе што умеат да слушаат и да вклучуваат различни мислења. Кога системот е транспарентен, просторот за злоупотреби се стеснува. Советот нема да биде продолжена рака на никого, туку алатка на граѓаните.

Што ново ќе воведете како практика што досега ја немало во општината?

Партиципативно буџетирање по населби,  односно граѓаните да одлучуваат за дел од буџетот за мали, но видливи проекти (урбана опрема, мали санации, зеленило, безбедносни точки).

Најавувам и развој на дигитална апликација за пријава на проблеми со рок за постапување на општината и јавно видлив статус, за никој да не биде „оставен на чекање“ без одговор.

Се овие работи ќе го започнам мандатот по 19 октомври, доколку граѓаните одлучат да го дадат својот глас за бројот 24. Ова ќе биде почеток, ќе има уште многу работи кои досега ги немало, не само во Шуто Оризари, туку и во сите скопски општини. Мојата цел е Шуто Оризари да се препознае и признае како модерна општина во цела Македонија.

Најнови вести од Македонија

To top