Должноста е главна и вистинска смисла на етичкото, всушност на животот
Секој работно ангажиран човек во заедницата, треба да ги следи овие вредности, норми и постапки, и да се придржува кон нив. Нивното поседување човекот го прават вреден, работен и одговорен, што е појдовна основа на секоја деловна/политичка/општествена етика. Сепак, најбитна е одговорноста.
Правилното работење во најголема мера зависи од моралот на луѓето. Јавниот и општ интерес секогаш треба да биде на преден план при остварувањето на должностите што ги има човекот. Притоа секој еден активен член на заедницата што ги реализира своите задачи треба да покаже етичка и општествена одговорност. Без разлика дали се работи за менаџер, уметник, културен работник, спортист, политичар или државник, доколку сакаат да бидат повеќе од автомати, сите тие мора да имаат идеали и во своето работење да се придржуваат на позитивни вредности и морални принципи. Без исклучок мора да ги проценуваат своите мотиви за активност, но и методи и техники на дејствување. Лице кое се занимава со било која општествена активност во заедницата, и при тоа е без јасна и без свесна етичка положба, е исто како брод без едра и сидро.
Што го прави човекот вреден, работен и одговорен?
Но, моралот и моралното однесување при работењето, не се обична интелектуална гимнастичка вежба. Од друга страна пак, етиката на трудот е основната форма на економската етика. Се состои од моралните вредности во процесот на работењето. Човекот е суштество кое со трудот се развива и си обезбедува напредок и опстанок. Всушност трудот е основната карактеристика на човекот. Основните лични, етички карактеристика на човекот кој работи се трудољубивост, иницијативност и стремеж кон усовршување.
Работната етика е основно етичко својство на човекот. Таа се состои во односот на човекот кон работата и придржување на нормите при работењето. Нај значајни работни вредности се:
Желба да се работи – основен работен стремеж што ја изразува работната и животната етика на човекот. Тоа е настојување да се вложува енергија во работата, да се прави она што треба и да не се избегнуваат обврските; Трудољубивост – посветеност на работата, работливост и прифаќање на работните должности; Активност – дејствување и поттикнување да се работи за да се извршуваат задачите; Ангажираност – вклученост во дејствувањето и нафаќање да се изврши обврската; Исполнителност – желба за извршување на обврските, работење со жар и без откажување и небегање од одговорноста; Професионалност – стручно дејствување во работењето, кое претпоставува добро знаење, умееwе и сериозност; Соработка – заедничко извршување на работата, поделба на задачите за нивно полесно извршување и добивање подобар успех.
Додека го пишував серијалот направив едно мало истражување. Посетив 10 шалтери за информации и услуги(државна институција, банка, пошта, менувачница, трафика), и неколку продавници, маркети и центри. Кај луѓето со кои дојдов во контакт видов знаци на ангажираност и активност, па и трудољубивост. Ама кога се во прашање исполнителноста, професионалноста и соработката, со клиентот, купувачот, барателот на информации и услуги, луѓето од другата страна на шалтерот, пултот или касата, не покажуваат некоја спремност за соработка и потребно ниво на соодветно однесување. Стручно кажано, работната етика им е многу тенка(во смисла “не знам… не е моја работа…немам време…ајде те молам не го кочи редот…цената не ја пишувам јас…не мораш да купиш“. Премногу негативна енергија и негативно однесување.
Моја оценка е дека ни е потребно многу попозитнивно однесување во заедницата во целост. Ни недостасуваат позитивни вдахновенија, кои нашиот начин на размислување, нашето зборување и однесување ќе ги направат многу попозитивни, отколку што сега се. Ајде едни н други да си додадеме позитивна енергија. Народот наш вели: “Доколку додаваме цепаници во огнот, тој ќе гори пособро“. И ние ќе бидеме подобри личности.
Секој работно ангажиран човек во заедницата, треба да ги следи напреднаведените вредности, норми и постапки, и да се придржува кон нив. Нивното поседување човекот го прават вреден, работен и одговорен, што е појдовна основа на секоја деловна/политичка/општествена етика. Сепак, најбитна е одговорноста.
За одговорноста
Во извршувањето на своите должности човекот мора да биде одговорен. Во основата на одговорноста е должноста за добро дејствување. Тоа е карактеристично и специфично својство на човекот, поточно негов однос кон животот, работата, и луѓето околу него. Одговорноста е барање секој да го стори она што треба, и она што прифатил да го прави. Истовремено таа е основа за моралната оценка, дали и како е извршено тоа. Одговорноста е сложен систем на обврски и должности кои секоја личност треба ги има и да ги спроведува. Избегнувањето на одговорноста е најлоша морална постапка. Обврските и должностите се точно определени за секого, како во животот, така и во работата. Обврските се задачи наметнати од позицијата на човекот. Должностите се внатрешни задачи кои извираат од моралот на личноста. И едните и другите се поврзани со одговорноста и мора да се направат.
Кога се поставува прашањето што треба да ги води луѓето во моралот при насочувањето на нивната воља и дејствувањето – се истакнува дека тоа треба да биде нешто што има значење и што ќе ја оправдува нивната етичка ориентација. Тоа е должноста. Токму затоа, според Кикерон и Кант, должноста е главна и вистинска смисла на етичкото, всушност на животот. Затоа етиката треба да се гради како сознание за сериозноста на работењето и живеењето. Етиката е таа која инсистира на одговорноста на човекот за успешното водење на животот. Од тој аспект основни човечки карактеристики се чесноста, етичкото однесување и извршувањето на должноста на одговорен начин. Затоа, за човекот и за заедницата во која живее, мошне важно е правилно етички да избира.
(продолжува)
Сотир Костов