Македонија етичко-економски прашања

Серијал на Костов: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија (3. ДЕЛ)

Никогаш нема да скршнеш од правиот пат ако постапуваш според чувството и совеста

Ќе заживее ли позитивниот дух на етиката, и ќе се зацврсти ли моралната одговорност на луѓето?

Серијал на Костов: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија (3. ДЕЛ)

Денес, откако се намали улогата на идеологиите врз луѓето и државата, а политиката се понагласено станува сервис на општото живеење на граѓаните, економијата има услови да се извиши до нивото на најважна човечка дејност. Тоа е и нормално затоа што економијата е основа на животот, поточно таа е факторот што го одредува животот. Во тој контекст етичко-економските прашања предизвикуваат исклучително големо интересирање, а етиката воопшто нуди модерни етички согледувања и норми за животот и работата на човекот.

 

Да се направи пресврт на вкупната култура на општеството

Кај нас во Република Македонија етичките и моралните дискусии и расправи не се многу раширени. Токму затоа во нашето општество и свест постојат многу недоразбирања околу смислата и значењето на етиката и моралот. Некои од нив се предизвикани од нашите, како досегашни така и сегашни, специфични – економски, политички и културни состојби. Ние сеуште недоволно сме вклучени во современите економски текови, како резултат на што имаме ограничен економски развиток и не соработуваме многу со развиените земји. Исто така, постојните, социјални и етички насоки кај нас се лошо поставени. Како резултат на тоа кај нас сеуште владее негативна духовна клима (недоволна заинтересираност за напредок и прогрес, ненаградување на работењето, неказнување на неработењето и друго).

Поразителна е присутната негрижа за етиката и моралот во Република Македонија. А токму тие, етиката и моралот претпоставуваат одговорна единка, почтување на моралните вредности, извршување на својата должност од сите ангажирани луѓе, а особено од оние кои имаат повисока и поодговорна положба, како во локалната самоуправа, така и во државата. Најверојатно, попозитивен и поодговорен однос кон основните вредности и принципите на етиката и моралот, може да се очекуваат дури по поголемата измена на начинот на живеење и однесување. Бидејќи денес е време на воведување на нов вид на политика/демократија/култура, со нова законодавна легислатива, неопходно е да се развијат и општите услови за новата лична одговорност во извршувањето на општествените должности.

Најпрвин треба да се направи пресврт на вкупната култура на општеството кон економските законитости, кон активирање на вкупните интереси и ангажмани на луѓето, како и кон истакнување на значењето на прогресот и развојот, кои се неопходни за квалитетот на живеењето. Мора да заживее позитивниот дух на етиката, и да се зацврсти моралната одговорност на луѓето во работењето и животот воопшто.

 

Како да се постигне тоа?

 Пред се, треба да се има позитивен однос кон животот и работата. За тоа е потребна верба дека се може да биде добро и дека ќе надвладеат добрите луѓе и намери, како и правилните морални норми на животот. Работите и нештата треба да се гледаат, сваќаат и прифаќаат од нивната убава страна. Треба да се прифати дека од секој проблем има излез. Потребно е луѓето да се мобилизираат, организираат за да се изнајде решението. Всушност зборуваме за оптимизам во животот за што е потребно позитивно мислење (биди позитивен!”). Позитивното мислење и позитивната духовна промена најдобро ги има опишано Норман Винсент Пил во неговата книга “Принципот на современото позитивно мислење”, во која истакнува: “Позитивното мислење претставува основен процес на една ментална и духовна промена, во која единката се менува од самоограничување до самодокажување, од назадување кон напредување, од пораз кон успех. На оној кој размислува позитивно, тешкотиите не му внесуваат забуна и тој не се обидува да се извлече од нив…Оној кој мисли позитивно нема во невољата да реагира емотивно, сваќајќи дека човечкиот ум неможе да го даде она најдоброто од себе кога е налутен или е потресен од чувствата. Оној кој размислува позитивно свесен е дека само со мирен, дури и со студен разум ќе може да ги открие оние непристрасни, рационални идеи кои ќе го доведат до умни животни решенија…”.

Повеќе од јасно е, дека за решавањето на проблемите во Македонија, треба да мислиме и размислуваме на нов начин. Идејата за “мислење на нов начин” ја даде американската интелектуалка Флоренс Шин, која создаде ново движење, чија цел е да се постигне животен успех. На тој план таа во својата книга “Играта на животот и како да ја играме” истакнува: “ Повеќето луѓе го сметаат животот за борба, но тој е и игра. Меѓутоа тоа е игра која не можеме да ја играме успешно ако не ги познаваме духовните закони. Што човекот ќе посее тоа и ќе пожнее. Тоа значи дека на луѓето ќе им се врати според нивните идеи, зборови и дела. Што ќе се даде тоа ќе се добие. Ако човекот мрази – ќе му се врати со омраза, ако дава љубов – ќе добие љубов, ако критикува ќе биде критикуван, ако лаже ќе го лажат. Идејата за животот игра главна улога во играта на животот. Она што човекот си го замислува и си го претставува, тоа порано или подоцна ќе му се појави во животот”.

Човекот има неограничени можности за етичко избирање. Потребно е да направи правилен избор на вистинските вредности. Тоа претставува избирање на животниот пат, а тоа е патот на вистинските идеали, вредности, норми и постапки. Тие му  даваат чесност на човекот. Таа е морален идеал – совршена етичка цел во животот, вредност – вистински избор за она што навистина е исправно и важно, норма – барање и водач во дејствувањето, т.е што мора да се прави или што не смее да се избегнува и постапување – добро однесување, кое е израз на моралната свест, на избраните вредности, на добро поставените и прифатени норми, како и на етичката, личната и општата култура.

                                                                                                                                                                  (продолжува)

 

Сотир Костов

Најнови вести од Македонија

To top