Македонија КОЛУМНА НА ГЕРОСКИ

Сектата на Бихаќка пред „колективната исповед“ на 24 јануари

Ако Заевиот СДСМ беше акционерско друштво во кое тој имаше „златна акција“, имаше барем малцински „акционери“. Ако Заев владееше со аурата на некаков политички и морален авторитет, барем падна на проверката на тој авторитет, на легитимни избори. Ова што сега го гледаме на Бихаќка е секта со која владее епистемолошки авторитет. Венко Филипче знае сè, никој не смее ништо да го праша, а уште помалку да го критикува. Тој ќе прифати само избори на кои ќе победи. А бидејќи такви избори нема, тој сега ни кажува дека ќе правел „договор со граѓаните“ и со никој друг. Во методолошка смисла, овој СДСМ сега се претставува како секта слична на најпрочуената секта во 20 век, онаа на проповедникот Џим Џонс.

Сектата на Бихаќка пред „колективната исповед“ на 24 јануари

Каква е сличноста помеѓу Венко Филипче и Џејмс Ворен алијас Џим Џонс, проповедникот од Индијана кој стана водач на светски познатата секта Храмот на народот, на почетокот на втората половина на 20 век?

За да не бидам погрешно разбран од читателите, меѓу кои има и многу членови и симпатизери на СДСМ, ајде прво да ја утврдам клучната разлика меѓу нив двајцата. И меѓу нивните две секти, секако, пишува Бранко Героски за ПЛУСИНФО.

Сите секти се трагични, ама секоја на свој начин

После долготрајна изолација на својата секта во џунглата во Гвајана, во 1978 година, тогаш веќе сериозно параноичниот Џим Џонс ќе успее да ги убеди членовите дека „нападот од надвор“ е неизбежен и дека нема друг излез освен сите да испијат (доброволно или под принуда) прашкаст напиток измешан со цијанид и со седативи. Точно 918 луѓе, од кои повеќе од 300 деца, биле жртви на ова најпознато масовно убиство-самоубиство на 20 век.

Трагедијата во Џонстаун и приказната за неа, да бидам јасен и прецизен, нема директна врска со приказната за „храмот на народот“ на Бихаќка, која сега се расплетува и чиј исход засега не ни е познат. Затоа, во поглед на крајниот исход на политиката на изолација и секташење на актуелното раководство на СДСМ, октроирано од Кланот Дубаи, нема да правам никакви алузии спомнувајќи прашкасти материи и слично, бидејќи тоа би ја одвело расправата во погрешна насока. Да, се согласуваме, приказната за сектата на Бихаќка е трагична, трагични ќе бидат и последиците, но трагичното ќе се случи на друг начин и ќе се мери со други аршини.

За тоа, малку подоцна …

Раѓањето на авторитетите Џим и Венко

Кои се сличностите меѓу Венко Филипче и Џим Џонс?

Двајцата самопрогласени авторитети се раѓаат како последица на еден почетен социјален активизам кој може да се означи како прогресивен. Со многу резерви го кажувам ова, но фактите се познати и јавно достапни.

Во раните 1950-ти години, во сојузната американска држава Индијана, Џим Џонс е класичен фанатик што проповеда расна еднаквост, социјална правда, помош за сиромашните, интегрирани црковни заедници и слично. Така тој се здобива со неспорен легитимитет кај маргинализираните групи и во либералните кругови во Америка.

Во својата рана фаза, прво како успешен лекар и експерт за здравствена политика (не случајно е советник во владата на Никола Груевски), потоа како министер кој се „справува“ со корона-кризата, па претседател на Фондацијата „Едно општество за сите“ и на крајот како лидер на СДСМ, ангажманот на Венко Филипче, општо земено, би можело да се сумира како прогресивен.

Секташкиот пресврт на Џим Џонс

Со текот на времето, кај Џим Џонс се случува класичен секташки пресврт: тој се прогласува за единствен вистински толкувач на „вистината“ (епистемолошки авторитет), религијата ја меша со социјализам, говори со апокалиптична реторика (на крајот, во кампот Џонстаун во Гвајана, говори секојдневно, со часови, преку разглас), проповеда дека надворешниот свет е корумпиран и опасен, одбива да комуницира со надворешниот свет и целосно се изолира во џунглата.

Важно е да се каже дека тој секташки пресврт кај Џим Џонс се случува постепено, почнувајќи од 1970-тите години, кога Храмот на народот се сели од Индијана во Калифорнија, а проповедникот таму стекнува силни политички врски и добива дури и јавна поддршка од локални функционери. Во параноичен страв да не се случи неговиот авторитет да биде подложен на проверка, внатре во сектата проповедникот го засилува психолошкиот притисок, организира „колективни исповеди“, ги понижува и ги казнува непослушните членови, бара целосна лојалност кон лидерот, а критиката ја третира како предавство.

Откривањето на авторитарниот локус на вистината на Бихаќка

И Бихаќка, деташираното раководство од страна на Кланот Дубаи, нема веднаш во себе да го „открие“ авторитарниот локус (положбата) на вистината. Сè до поразот на локалните избори во 2021 година, Зоран Заев релативно спокојно се одржува на власт. Долги години пред тоа СДСМ е реорганизиран во ентитет налик на акционерско друштво, но ако ништо друго, освен лидерот од Муртино кој ја држи „златната акција“, има таму и други помали „акционери“. Тој баланс на моќта и на заблудите ја одржува кохезијата во штабот на Бихаќка.

Но, по падот на Зоран Заев и по една година безвластите во СДСМ (периодот на Заевиот прв грејач на фотелјата Димитар Ковачевски), кормилото, поточно сидрото за џиткање, му е доделено на Венко Филипче. Во целиот тој период, практично до катастрофалниот пораз на локалните избори кон крајот на 2025 година, Филипче живее со аурата на прогресивен проповеденик на СДСМ. Тој ги наследува политичките полуги од својот претходник и протеже Зоран Заев (со кого и натаму се блиски како петок и сабота). Го почитуваат и го храбрат остатоците од „граџанскиот“ сектор врз кој своевремено Заев ќе изврши аквизиција (евтино, како да купил контејнер стока од Кина, во кој има разни партали, сè и сешто, шуто и рогато, нели). Го силат дел од медиумите. Меѓу „странците“ е „радо виден гост“. Накусо, се чувствува важен и безбеден.

Но, тоа сепак ќе трае кратко. Катастрофалните порази на парламентарните избори во 2024 година и на локалните избори лани, во Кланот Дубаи и кај Венко Филипче ќе предизвикаат класичен секташки пресврт. Под нивно водство, СДСМ преку ноќ станува секта со авторитарен, но не само политички, туку и епистемолошки модел. Кога Рој Волис, еден од најважните социолози на религијата, зборува за поимот секта, тој мисли на група која тврди дека има единствен, вистинит и привилегиран пристап до спасението или до вистината. Ова е многу важно да се разбере, бидејќи овој СДСМ денес не е секта само во политичка смисла, туку е секта која мисли дека поседува апсолутен, привилегиран, авторитарен локус на вистината.

Што ќе каже Филипче и поп што ќе закопа – тоа е!

Ова е клучот на разбирањето зошто Џим Џонс и Венко Филипче се „браќа по оружје“ (рефернца за неписменине: Dire Straits).

Како и Џим Џонс, така и Венко Филипче, неговиот протеже Заев, нивните советници и нивната ударна пропаганда група се толку убедени дека само тие ја знаат и имаат и право и мисија да сведочат за „вистината“ – за криминалите и за корупцијата на нивните политички противници, за страшните работи што ѝ претстојат на земјава (договор „бегалци за пари“, на пример), за „кризата“ во која тоне Македонија итн – што не чувствуваат ни потреба или обврска со било кого во политичката заедница да водат дијалог или да се договараат за тие прашања.

Ова е многу важен момент. Објаснувајќи го своето отсуство од лидерската средба на 14 јануари, на која политичките лидери без многу драма и кавги отворија некои важни политички теми и ги изразија и своите различни гледишта, Венко Филипче ќе каже – СДСМ ќе се договара само со граѓаните. Да ја цитирам прецизно изјавата на Филипче: „ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е многу добро позната. Ние договор ќе правиме само со граѓаните“.

Ете што значи кога некој има локус за вистината – тој ја знае точната позиција на гените на вистината. И никој не смее да го праша како само тој ги знае. Поинаку кажано, лидерот на сектата мисли дека сè што ќе изговори е вистина и дека кажаното не смее да се преиспитува, да се оспорува, да се критикува. На пример, во случајов, нема потреба да се постави прашањето како тоа на Филипче му била „добро позната“ – пази ваму! – „соработката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“. Како тоа, после толку години заедничко владеење на СДСМ со ДУИ, после сите години во кои Али Ахмети во владата на Заев и на Ковачевски беше „калиф уместо калифа“, одеднаш сега лидеров на сектава ни открива дека цело време, всушност, ДУИ соработувала со ВМРО-ДПМНЕ?!

Но, такви прашања не смеат да се поставуваат. Џим Џонс и Венко Филипче се епистемолошки авторитети. Тие знаат, тие се вистината. Ако Филипче кажал дека имало договор со Велика Британија „мигранти за пари“, тоа мора да се земе како од поп закопано. Тоа и сè друго што тој го кажува, секоја негова мантра изговорена со глас како кларинет, секојдневно, преку разгласот на Бихаќка, преку оние соопштенија кои ревносно и без прашања ги пренесуваат наклонетите медиуми.

Џим Џонс организирал „колективни исповеди“, Венко Филипче спрема конгрес

Секое преиспитување, сомнеж или критика, однапред се смета за предавство. Предавниците, пак, се прогласуваат за квислинзи и за петтоколонаши. Уште не напишале „олош“, ама кај и да е ќе напишат (можеби баш после оваа анализа). На тие што мислат дека знаат нешто повеќе за политиката од Венко Филипче и од неговите најверни југенди од сектата на Бихаќка, веднаш им се припишува сопствената дијагноза („Данинг-Кругеров ефект“, тоа е кога некој со намалена когнитивна способност страда од илузорна надмоќност). Сите непријатели на сектата се одлично организирани (од овде до Белград, а и понатаму, сè до Москва и назад) и координирани (во случајов, од мене). Затоа сектата мора да се изолира и од нив и од сите други надворешни влијанија. Бидејќи таа е среќна и самодоволна.

За да ја потврди таа покорност на членовите на сектата, Џим Џонс организирал „колективни исповеди“ во својот камп во Гвајана. Венко Филипче, пак, еве организира конгрес на СДСМ на 24 јануари. Нема сомнение дека тој настан ќе биде досега најголемата видена колективна исповед во историјата на СДСМ. Замислено е никој ништо да не прашува, сите да му искажат лојалност на проповедникот и така сектата и формално да се „прочисти“ од непослушните. Како што се прочистуваат глисти кај кутрињата.

Заев је радио такве ствари – али не баш овакве!

Ако Заевиот СДСМ, со извесна доза на претерување, го наречеме секта, мора да се каже – дури и како мал чин на почит кон ликот и делото на Муртинецот, ако баш сакате – дека тоа беше секта во политичка и во етичка смисла. Што сакам со ова да кажам? Додека постоеше некаква можност харизмата на лидерот на сектата да се проверува и да се предизвикува, (или, како што би рекол Макс Вебер, да се „рутинира“), кохезијата на таа група не се доведуваше во прашање. Но, кога Заев беше поразен и на политички и на етички план (на избори, нормално), сектата се најде пред распаѓање.

Да се разбереме: ништо од ова што го читате сега, Заев не го разбира на епистемолошко (спознајно) ниво. Ама за еден политичар, за еден зоон политикон, плус за мангуп со селска итроштина и со опасна интуиција, тоа не е ни важно. На своето заминување од врвот на СДСМ, некако Муртинециот сфати дека треба на друг да му препупшти Бихаќка да ја претвори во секта со која ќе владее еден епистемолошки авторитет. Друг да каже – избори да, но само ако јас победам! Друг да каже – власта пак ќе ја рушиме од улица, со помош на „странците“, со пуч! Друг да изусти – ние не се договараме за избори, ние се договараме со граѓаните! Друг да се постави вака – јас не подлежам на проверки, на никакво „рутинизирање“ и ни на какво било сомничење!

Затоа велам дека Заев, кого немам причина ни желба да го амнестирам за ништо, не беше авторитет со локус за вистината. Тој имаше малку поинаква генетика, горномилановачка. Би се осмелил да пласирам една неамбициозна претпоставка дека можеби и Венко Филипче не е баш тој тип проповеденик каков што ни се претставува, дека можеби е под силно влијание на некоја група „граџани“ авантуристи, кои од СДСМ прават секта којашто на крајот сепак законито ќе доживее самоубиствен крах. Но, нема двојба дека Филипче е потписник и носител на ова сценарио и лик кој јавно се идентификува како водач на сектата. Под негово водството таа секта одбива да учествува во институционални процеси, а во јавноста тоа го објаснува со аргументиот на една, со ништо недокажана, моралистичка супериорност. Според еден познат германски теолог и филозоф (Ернст Трелч), сектата, всушност, се легитимира како „протест против расипаниот свет“, заштита на моралната чистота преку одвојување од општеството.

Трагедијата во Џонстаун како поука – сечиј авторитет подлежи на проверки

Ги приложувам сите овие тези и аргументи на познати филозофи и социолози, за во нив самите да ги препознаете наративите што денес ги шират проповедникот Венко Филипче и неговата пропаганда, преку разгласот во Храмот на вистината на Бихаќка. Нашиот Џонстаун.

Според моите сознанија, на 24 јануари, на организираната „колективна исповед“ во СДСМ (конгресот), сектата ќе ги потврди својата кохезија и неспорното лидерство на нашиот Џим Венко Џонс Филипче, а со тоа и фактот дека по којзнае кој пат историјата ќе мора да се повтори – како фарса.

Знаете ли зошто доаѓа до крахот на сектата на Џим Џонс во Гвајана? По бројни пријави за злоупотреби, во 1978 година, американскиот конгресмен Лео Рајан доаѓа во Џонстаун да ја провери состојбата. При заминувањето, на блиската писта во Порт Каитума, тој и уште неколку лица биле убиени од вооружени припадници на сектата, што директно ја забрзало трагедијата што следела во Џонстаун.

Џим Џонс тогаш болно се соочува со фактот дека сечиј авторитет, па и неговиот, подлежи на предизвици и проверки, а тој немал ни волја ни сила да го „рутинизира“. Џонс ќе ги убеди своите следбеници дека финалниот „револуционерен чин“ е единственото достоинствено решение. Неговата волја на крајот ќе се исполни – сектата ќе ја задржи кохезијата, иако сега во колективната смрт на 918 луѓе.

Сценариото „власт без избори“ е од будали за будали

И претворањето на СДСМ во секта – не каква било, да повторам и да нагласам, не само политичка, туку секта предводена од човек или од група кои себеси се сметаат за епиастемолошки авторитет – законито води кон самоубиство. Политичко самоубиство, да бидам прецизен. Оние неколку будали, коишто го смислиле сценариото за преземање на власта без избори, со некаков „пржински“ инженеринг, со некаков надинституционален „договор со граѓаните“ кој треба да се „овери“ со протести и со хаос, нема да успеат да ги вратат социјалдемократите таму каде што беа некогаш.

Дури и во земјите од нашето соседството, посебно во Србија (која не случајно е во фокусот на разгласот на Филипче), каде што во оваа 2026 година се очекува разрешница на политичката криза, договарањето со граѓаните ќе мора да се случи на избори. Од власт може да се падне без избори, но на власт не може да се дојде без гласовите на избирачите. Тоа нема да се случи ни во Србија. Ни во Бугарија. Ма ни во Венецуела. Никаде.

Кога е моментот после кој нема враќање назад?

Искрено, не знам дали има видни луѓе во СДСМ кои се спремни да си ја растурат комоцијата на сегашниот егзил, за да го спречат ова што се случува сега во сектата на Бихаќка. СДСМ некогаш беше партија со партиски живот, партија во која кадрите се градеа во општинските комитети, партија во чии централни раководства и на водечките позиции гледавме луѓе на кои можевме да им најдеме илјада маани (и го правевме тоа, често грубо и жестоко), но луѓе кои никогаш себеси не се поистоветуваат со проповедници со монопол над вистината и со претпоставен „договор со граѓаните“ што им дава авторитет што не смее да се доведе во прашање.

Киро Глигоров и Бранко Црвенковски не уживаа таква комотна позиција, а не па другите. Ова што го гледаме од 2017 година наваму, а особено сега, вакво чудо досега не е видено!

Ми останува само уште нешто да им порачам на луѓето кои се спремаат за „колективната исповед“ на 24 јануари. Пресвртниот, најопасниот момент во историјата на сектата на Џим Џонс, не е моментот кога станува јасно дека тој полудел (веројатно паранојата ја носел долго во себе). Моментот од кој нема враќање назад е тогаш кога групата се изолира, кога се уриваат сите има механизми за корекција, кога критиката исчезнува и кога моралот станува колективен, а не личен.

 

Бранко Героски за ПЛУСИНФО

 

Најнови вести од Македонија

To top