Македонија

Седница на Уставен суд, на агендата пет иницијативи за оценување на уставност и законитост

Седница на Уставен суд, на агендата пет иницијативи за оценување на уставност и законитост

Уставниот суд денеска ќе ја одржи втората седница на чиј дневен ред се предвидени пет иницијативи за оценување на уставност и законитост.

Како што соопштија од Уставниот суд, меѓу другите на седницата се и Реферат У.бр.38/2023 за Одлука за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје, а подносител на иницијативата е Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, како и Реферат У.бр.99/2023 за Правилникот за формата и содржината на лиценцата за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството. Доносител на актот е Министерство за економија, а подносител на иницијативата е Кренар Лога.

Во однос на иницијативата од Арсовска, како што стои во соопштението од Уставен сдум, од наводите, се наведува дека Одлуката е во спротивност со член 8, 51 и член 117 од Уставот, односно владеењето на правото, правна заштита на сопственоста и локалната самоуправа.

– Исто така е наведено дека Одлуката е во спротивност со Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, како и со Законот за локалната самоуправа. Според подносителката спорно е што просторот во сопственост на Град Скопје се дава под закуп по предлог на директорот и со одлука на установата, а бидејќи станува збор за недвижен имот сопственост на Град Скопје, одлука треба да донесе само сопственикот, односно советот на Градот Скопје, се наведува во инцијативата. Подносителката оспорува и член кој предвидува средствата по основ на закупнина да се уплатуваат на сметка на установата, бидејќи наведува дека тие средства остварени од закупот на стварите во општинска сопственост се приход на буџетот на Град Скопје, а не на установите и поради тоа е наведено дека овој член од Одлуката е во директна спротивност со член 7 од Законот за локална самоуправа, стои во соопштението.

За Правилникот за формата и содржината на лиценцата за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството, се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот.

– Подносителот наведува дека оспорениот акт е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот, кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”, се вели во информацијата од Уставниот суд.

To top