Уставниот суд денеска ќе ја одржи 23. седница на која меѓу другото ќе го разгледа и Законот за изменување и дополнување на законот за урбанистичко планирање, инцијатива поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Со измените, како што тврди поднесувачот на иницијативата, се вметнува нова категорија, односно урбанистички проект за градби од стратешки интерес при тоа предвидувајќи нови правила за изработка и донесување на истиот, како и утврдување на правила различни од постоечките за процесот на одобрување на урбанистички проекти наведува подносителот. Се тврди дека со измените законодавецот цели кон тоа да ги заобиколи правилата за изработка и одобрување на урбанистичките проекти со целосно прескокнување на фази во процесот на одобрување.
Покрај тоа, ќе бидат разгледани и повеќе оспорени членови на закони, правилници и уредби меѓу кои и за Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење евиденција и член 1 од Правилникот за изменување на наведениот правилник.
Според подносителите на иницијативата – Здружение „Помалку пластика” од Скопје, со донесување на оспорените одредби од правилникот, министерот кој раководи со животната средина излегол надвор од овластувањето бидејќи се впуштил во дефинирање на кесите за носење на стоки на начин што го менува опсегот на исклучок. Имено, според подносителите е интервенирано во дефиницијата за кеси за носење на стоки и како што стои во оспорените одредби се дефинираат како кеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони, наместо кеси над 15 микрони. Се наведува дека во одредбите е спорно тоа што министерот не добил овластување од Собранието да го утврдува опсегот на биоразградливи кеси за носење на стоки за кои ќе се пропишуваат стандарди за биоразградливост.