Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на проштална средба го прими амбасадорот на Француската Република, Сирил Бомгартнер.
На средбата, министерот Муцунски се заблагодари за придонесот на амбасадорот Бомгартнер во развојот на билатералните односи и соработката за време на неговиот дипломатски мандат во земјава.
Заеднички беше потврдено задоволство од динамичниот и континуиран политички дијалог помеѓу двете држави и нагласена потребата за ставање посебен фокус на развојот на економската и трговската соработка во претстојниот период.
Воедно, беа разменети мислења и за реформските процеси во земјава и тековниот пристапен процес, а во тој контекст министерот Муцунски уште еднаш се заблагодари на поддршката и помошта од Француската Република на нашиот евроинтеграциски пат.