Со култура на законите(норми, мерки и алатки) против корупцијата (РЕЦЕНЗИЈА НА Сотир Костов)
Книгата е промовирана денес 02 јули 2025г. во 12:00 часот, во ДХО “Даре Џамбаз“, Скопје. Промотори на истата беа: Билјана ИВАНОВСКА, поранешен Претседател на ДКСК, Г-дин проф. Иван БАБАНОВСКИ, проф. д-р Миодраг ЛАБОВИЌ и доцент д-р Алексеј СОПРОНОВ.
-Општопознат факт е дека корупцијата е негативна и штетна појава во општеството и државата. Поимот “корупција“ потекнува од латинскиот израз corupcio, кој се преведува како поткупување/подмитување, раси- паност, расипување, трулење и распаѓање како процес. Таа, корупцијата, се јавува и постои, кога државни, службени и јавни лица вршат определени работи, кои се секако должни да ги сработат, согласно, устав, закон и подзаконски акти, но бараат за тоа некаква противуслуга или пари. Корупцијата е забрането однесување, затоа што ги загрозува демократијата, владеењето на правото и правата на човекот, гарантирани со устав и закон. Во услови на коруптивна држава и општество инфицирано од корупција, наместо правото, законите и вредностите содржани во нив, владеат поединци, бирани во законодавната власт, наименувани во извршната и судската власт и назначени во јавната и државната администрација(на локално и државно ниво), кои се раководат од лични користољубиви цели. Таа и таква корупција ги спречува граѓаните во остварувањето на правото на еднакви шанси за успех во работата и животот, а компаниите ги попречува и онеправдува во рамноправниот натпревар на пазарот на капитал и услуги.
Поразителен е фактот што коруптивното однесување и коруптивните активности се појавуваат во сите слоеви и области на општественото живеење во Република Македонија. Во годините зад нас видовме државна, институционална и партиска корупција, злоупотреба на јавните фондови, злоупотреба на функциите во јавниот сектор без малку во сите јавни институции. Загрижувачки е што оваа општествена болест подеднакво ги напаѓа и “инфицира“ политичарите, деловните луѓе, директорите, професорите, лекарите, полицајците, судиите, јавните обви- нители, адвокатите, новинарите и голем број владини функционери (министри, државни секретари, генерални секретари, членови на надзорни и управни тела, раководители на регулаторни и независни тела и на провајдери) – безмалку сите кои се во функција на вршење на некоја јавна дејност. Ова непримерно и надвор од законот однесување на сите наведени чинители е ин флагранти компромитација на владеење на правото, и на принципите на правда, еднаквост (недискриминација). Се поставува прашањето: Можеме ли да се заштитиме од корупцијата и коруптивните политичари и менаџери?
Одговорот е да! Потребна ни е беспоштедна, бескомпромисна и истрајна борба против корупцијата. Таква борба водиме, ама гледаме дека е тешка, бидејќи борбата против корупцијата е исклучително комплексна. Оваа антикорупциска борба е од голем интерес за нашето општество. Од нашата успешност во таа борба зависи дали ќе не биде или не, како држава. Ама не било каква држава туку држава во која владеат правото и законите.
Доколку борбата против ова зло не биде ефикасна тоа ги руши и уништува:функционалните норми, законите,политичките и општествените институции, економскиот и социјалниот живот, вредностите и вредносниот живот и редот, дисциплината, сигурноста, одговорноста и стабилноста во заедничкиот живот. Во таа смисла мораме да го одбраниме јавниот интерес, да го заштитиме државниот интегритет, конечно да ја прифатиме етичноста. Етичност која значи одговорност во работењето и должностите. Тоа подразбира, преку зајакнување на дисциплинарното и одговорно извршување на должностите, да го отфрлиме приватниот криминален притисок. Само така ќе го спречиме штетното влијание на корупцијата, кое е повеќекратно – го кочи општествениот, групниот и личниот развој во Македонија.
Ваква активност, во контекст на одбрана на јавниот интерес, одбрана на правото, правдата, уставноста и законитоста, препознавам во животната и работна активност на мојот драг пријател, Зоран Петковиќ – Бакли, познат, докажан и признат правник, со долгогодишна правна пракса. Познат е и по тоа што е голем поборник на реформи во правниот систем, а особено на правосудниот систем. Секако, познат е и како долгогодишен, бескомпромисен и непомирлив борец против корупцијата. Денес сме сведоци на неговиот најнов, последен авторски труд –
ПРАКТИКУМ за превентивна борба против корупцијата во правосудството и администрацијата
Со овој Практикум авторот ни укажува дека крајно време е работите и состојбите радикално да се менуваат. Потребни, т.е. неопходни се сеопфатни реформи. Вистински длабински(темелни) структурни реформи, а не козметички и површински, палијативни и краткорочни. Како што вели почитуваниот професор Миодраг Лабовиќ мора да се напушти практиката на реформски илузионизам.
Во Практикумот, се препознава нешто многу ретко во нашата правна наука, теорија и пракса. Енергично залагање дека во борбата против корупцијата, во рамките на политичкиот систем потребно е темелно да се реафирмираат: правниот подсистем (да се донесат системски закони); институционалниот систем(реформа на државната и јавната администрација); правосудно безбедносниот систем(темелно прочистување и реформирање на судовите, обвинителствата, полицијата) и буџетскиот систем (да се професионализираат и оспособат даночните, инспекциските и царинските служби). На тој план авторот со бројните конкретни иницијативи за законски промени(на повеќе од 15 закони) е многу јасен, концизен и конкретен, бидејќи предлага голем број на корисни алатки и механизми за успешно справување со корупцијата.
Сепак, најбитно е што низ целиот текст на прирачникот провејува една потреба од многу битна новина, а тоа е јуридизација на политиката. Што значи тоа? Факт е дека сме “задушени“ од корупција, непотизам, кронизам и политички криминал. Неопходна ни е номократизација на политиката, но и нејзино ставање во доменот на правото – јурисдикција. Јуридизација е потпирање на политиката врз правото и судството, во случај таа да ги надминала правно определените граници. Поимот јуридизација извира од повеќе латински зборови, поточно повеќе групи. Првата група ја сочинуваат зборовите jus-juris, со повеќекратно значење – право, право содржано во законите, право на нешто или право да се дејствува, моќ, власт, правна положба или правен статус; Следуваат judex(судија што решава правен спор) и judico(судење или изрекување пресуда); По нив се judicium(судска истрага) и judicatio(пресуда); На крајот е зборот justitia (правда), чиј корен е правото – jus. Треба да сме свесни дека јуридизацијата на политиката започнува со разграничувањето на јавната од политичката сфера. Тоа не значи дека треба да се откажеме од јавно-приватните партнерства. Напротив. Тие се законски дозволени, но никако во форма приватното да го потисне јавниот интерес и општото добро. Тоа се постигнува само со чесна политика, за која Кант одамна ни кажа дека е без алтернатива.
Политика чија основа е етиката и моралните принципи.
Тогаш и во таква ситуација, имаме јасно разграничување на јавниот домен(public realm) и приватниот домен (privatus realm). Кај нас, во Македонија, политичарите се погрижија да направат карма-каша односи помеѓу овие домени, ама, како по правило секогаш на штета на јавниот домен и интересот што од него произлегува.
Ете, од овие причини и последици, потребна ни е “политика во границите на правото“. Повеќе од неопходна ни е судска контрола на правните акти(закони, подзаконски прописи) на државните органи. А судската контрола на овие акти е најизразениот и најефикасниот облик на јуридизација на политиката. Само власта (судска) може да ја сопре коруптивната политичка власт и да ги санкционира забеганите коруптивно-криминогени политички елити во Македонија. А тоа е силната судска власт. Ама и чесна, независна, стручна и објективна. Во таа смисла, повеќе од потребни ни се закони во вистинска смисла на зборот.
А токму за такви закони се залага и ги предлага Зоран Петковиќ – Бакли, кој има и стручно знаење и голема и плодна правна емпирија. Во исто време тој е и многу прецизен хроничар на развојот на нашиот правен и општествен систем и неговите промени. Се пројавува и како врвен стручен аналитичар на сите досегашни промени, т.е. реформи на уставниот и правниот систем во Македонија, бидејќи стручно и објективно ги анализира и цени бенефитите и штетите од досегашните реформи. Многу добро ја регистрира коруптивната пракса и редовно ги следи и проучува позитивните и негативните правни преседани во Македонија.
Целокупната експертиза содржана во Прирачникот ни овозможува повисоко ниво на свест дека корупцијата, заедно со организираниот криминал, се најголема закана за демократијата. Нејзе може да ја спаси само владеењето на правото. За такво владеење потребна е култура на законие. Тоа е стриктно почитување на законите и имање целосна доверба во правниот поредок. Културата на законие е култура што енергично се спротивставува на беззаконието. Да се потсетиме: тоа е исто како што своевремено во Италија, Сицилија, cultura della legalita и објави војна на cultura della mafiosita. За таа цел мораме да ја зајакнеме улогата на граѓанството, општествената заедница и културата воопшто. На тој начин и со овие чинители се гради вистинската социјална подлога за силни политичко-морални убедувања. Токму тоа го прави авторот со овој Практикумот, кој е така концепиран и структуиран што претставува корисна и ефикасна алатка за секој политички и општествен чинител во борбата против корупцијата.
На крајот треба да се констатира дека овој Практикум е напишан од раката на многу искусен правен практичар, со завидно ниво на познавање и владеење на правната материја, кој е и долгогодишен предавач по предметите “Кривично право“ , “Криминологија“ и “Организиран криминал и корупција“ , признат медијатор и искусен адвокат. Автор е и на повеќе книги и практикуми и што е многу интересно и концептуалист, од чие перо призлегоа книгите “Совети за подобро живеење“ и “Водич за долговечност“, со кои се пројави и како автор- пионер во областа концептуална животна филозофија.
Сотир Костов, правник и брендолог