Македонија

Продолжува седницата на Анкетната комисија за случајот Онкологија со разгледување на документацијата

Продолжува седницата на Анкетната комисија за случајот Онкологија со разгледување на документацијата

Собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија денеска продолжи со работа со разгледување на документацијата. Членовите на Комисијата, кои вчера ги отпочнаа предвидените 30 дена за разгледување на документацијата, на седницата ја анализираат собраната документација и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа сослушани во претходните 30 дена.

За пратениците членови од опозицијата виновен е поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој како што истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ бил на врвот на пирамидата на криминалот. Додека, па, за пратениците од власта, опозицијата го политизира случајот со Клиниката и без никакви докази се става во улога на судија и неосновано обвинува.

Александар Велјановски, заменик-претседател на Анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија го впери прстот во поранешниот министер за здравство Венко Филипче како неговиот сопартиец Антонијо Милошоски вчера за политичка одговорност. Тој обвини за спрега меѓу Филипче, поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и веледрогеријата „Пановски“.

-Јасно и очигледно е дека на клиниката за онкологија, па и во здравствениот систем постоела една пирамида која што има свој врв на кој што се наоѓа екс министерот за здравство Венко Филипче. Поврзаноста помеѓу екс министерот Филипче, директорот на клиниката за онкологија Никола Васев и веледрогеријата „Пановски“ кои беспрекорно функционирале во криминалот на онкологија. Очигледно е дека здравствениот систем целосно потфрлил, рече Велјановски.

На ова реагираше пратеникот на СДСМ Мартин Костовски, кој смета дека тешко ќе се дојде до заеднички заклучок бидејќи, како што рече, уште од самиот почеток пратениците од опозицијата спроведуваат партиска агенда и конструиран став и обвинувања за поранешниот министер Филипче.

-Како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ цело време ја користите мантрата, ја користите тезата на покажување со прст и утврдување на вина помеѓу Пановски, Нино Васев и Венко Филипче, без притоа да експлоатирате во јавноста квалитетни материјални докази и докази кои што ќе ги потврдат таквите ваши сомневања. Строго заборени во своите партиски ставови и претходно конструирана, монтирана во вашите изјави за политичка вина паѓаат во вода, рече Костовски.

Пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска истакна дека пратениците од опозицијата членови на Комисијата посочуваат со имиња за виновници, иако ништо не е докажано. Таа е на ставот дека одговорност има и пропустите на онкологија траеле со години.

-Државниот завод за ревизија има констатирано одредени слабости и тука би сакала лично да коментирам дека јас она што го прочитав од ДЗС се всушност констатираните слабости и неправилности во работењето и дадени препораки што треба да се прави во иднина. Не би дискутирала дека Државниот завод за ревизија во своите препораки инсинуира или покажува со прст кон одредени носители или одговорни лица за некакво незаконско работење. Констатирани се неправилности во работењето и сметам дека тие неправилности во Извештајот на ДЗР и ние како заклучок ќе го донесеме на оваа Анкетна комисија, ќе бидат доволно документи кои што евентуално понатаму други институции кои се надлежни за утврдување на одговорност на било кого да утврди дали тоа ќе биде причина за некакви понатамошни правни дејствија за било кога и да се однесуваат.

Од дискусијата на сите кои беа присутни на седницата на Анкетната Комисија и она што е констатирано од ДЗС е всушност дека со години наназад е констатирано дека има ненаменско трошење во огромен број на јавни здравствени установи, вклучувајќи ја и Клиниката за онкологија.

По расправата за документацијата, Анкетната комисија треба да донесе формални заклучоци.

Пред Анкетната комисија досега сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување – Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Маја Парнарџиева Змејкова, Магдалена Филиповска Грашковска, актуелната заменик – министерка за здравство Маја Манолева, поранешните заменици – министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски, Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување, поранешната директорка на Клиниката за онкологија, Симонида Црвенковска, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова, како и други лица и функционери.

Анкетната комисија во Собранието беше формирана по објавата на случајот за злоупотреба на лекови од Клиниката за онкологија.

Најнови вести од Македонија

To top