Пред трагедијата во „Пулс“ во Кочани, на настап на групата ДНК во ресторан во Гевгелија се запалиле платно и звучници, сведочеше пред судот сопственикот на продавница за пиротехника Горан Игновски. Тој рече дека за инцидентот слушнал од колега кој работи со озвучување.
ДНК на настап во ресторан во Гевгелија имаат запалено платно и звучници. Колега од Гевгелија, Јани Мурџиев, кој работи со озвучување, ми раскажа за ова. Не знам кога точно се случило“, изјави Игновски.
Во своето сведочење тој зборуваше и за пиротехниката што се користела на настапите. Откако ги видел видеата од пожарот во Кочани, посочи дека прскалките кои биле употребени имале домет поголем од три метри.
Да користеа со домет од метар или два, немаше да настане пожар. Такви со домет од три метри се продаваат на Бит-пазар и се за надворешна употреба“, рече сведокот.
Сведокот додаде дека по пожарот во Кочани имал две кутии со вакви прскалки – едната ја предал во полиција, а другата, како што рече, најверојатно сè уште ја има. Според неговите зборови, вкупно продал најмногу 15 вакви кутии.
Тој ја објасни и разликата меѓу таканаречените „топли“ и „ладни“ прскалки.
Топлата прскалка гори околу 30 секунди и чини околу 500 денари. Ладните прскалки за истото време чинат околу 100 денари, но уредот за нив чини околу 30.000 денари и мора да има струја и кабли“, рече Игновски.