Лицата кои се нашле на црни листи на САД не треба да продолжат со редовни активности, смета претседателката Гордана Силјановска-Давкова, откако на црната листа на САД осамнаа имињата на поранешниот прв вицепремиер, Артан Груби и судијата Енвер Беџети. Тие се означени дека биле вклучени во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти Стејт Департментот.
Силјановска-Давкова смета дека ако јавните обвинители постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и по случајот со црните листи, бидејќи со тоа, САД испратиле јасна порака, а во случајов тоа е поткрепено со факти и со докази.
„Постојат во меѓународните право и меѓусебните односи начини да се дојде до тие докази и да се почне постапка тука, бидејќи во спротивно ние не рагираме кога мора да реагираме и со тоа го толелираме беззаконието. Очекувам судот, јавниот обвинител да почне да постапува“, изјави Давкова.
Претседателката дополнително како загрижувачки момент го истакна и тоа што на листата на САД се најде и името на судија од Македонија, бидејќи, како што рече, судот треба да биде синоним за почитување на правото и правдата.
„Чинам дека неправдата и владеењето на присилни луѓе ги направиле сите институции слаби и во тој случај потребни се во духот на оценската мисија итни чекори и реформи во сите органи“, рече Давкова, додавајќи дека треба да се размисли дали низ годините е креиран партизиран судски систем.