Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Државата Израел, Симона Франкел, соопштија од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова го истакна македонскиот интерес за искористување на значајниот потенцијал за понатамошно унапредување на севкупната соработка и важноста од продлабочување на билатералните односи преку конкретна секторска соработка, имајќи ги предвид економските, технолошки и научни капацитети на Израел. На средбата претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за актуелната состојба во Израел по нападите на Хамас од октомври минатата година. Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека за сите безбедносни прашања, вклучувајќи го и Блискиот Исток, нашата држава го усогласува својот став со позициите на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и во координација со земјите-членки на НАТО, а се води исклучиво од македонскиот интерес и интересот на македонските граѓани, истакнаа од претседателскиот кабинет.