Македонија PACTA SUNT SERVANDA

Преспанскиот договор е наметната реалност која ВМРО-ДПМНЕ мора да ја почитува за доброто на државата и граѓаните

Според аналитичарот Љупчо Петковски, во меѓународната политика, клучниот принцип е pacta sunt servanda, односно договорите мора да се почитуваат. Дали договорите ги потпишал претходникот, политичкиот опонент, државата е таа која што треба да ги спроведе.

Преспанскиот договор е наметната реалност која ВМРО-ДПМНЕ мора да ја почитува за доброто на државата и граѓаните

Преспанскиот договор е реалност наметната од претходната влада предводена од СДСМ и Зоран Заев и доколку истиот не се почитува дали од оваа наредна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, или пак од понаредната влада предводена од кого и да е, главните последици ќе ја претрпат државата и македонските граѓани преку блокада на евроинтеграцискиот пат и загрозување на членството во НАТО. Според аналитичарите, во меѓународната политика, клучниот принцип е pacta sunt servanda, односно договорите мора да се почитуваат. Дали договорите ги потпишал претходникот, политичкиот опонент, државата е таа која што треба да ги спроведе.

Сакам да ја затворам таа тема бидејќи нас нѐ очекуваат реформи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во Собранието го достави Предлогот за состав на Владата и Програмата за работа на Владата. Од поднесениот документ до претседателот на Собранието, Африм Гаши, може да се види дека Мицкоски го поднел документот како мандатор за состав на Владата на Република Северна Македонија

– Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно. Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија, изјави вчера во Дневникот на ТВ Сител лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски.

На прашањето – што да очекуваат граѓаните, на која држава ќе биде премиер Христијан Мицкоски и што ќе каже во заклетвата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори:

– Па, уставното име на држава, јасно, не треба тука ние сега да имаме двојни стандарди и да се чувствуваме пред граѓаните неодговорни или, пак, граѓаните да ги доведуваме во заблуда. Се знае, уставното име е со придавката и логично е, Деловникот за работа на парламентот е променет, а во самиот Деловник е содржана заклетвата. Се разбира дека ќе го кажам уставното име на државата, не гледам друг начин како да се каже таа заклетва за да не биде понатаму главна тема. Сакам да ја затворам таа тема бидејќи нас нѐ очекуваат реформи, нѐ очекуваат подобри времиња за Македонија. Инаку, како што кажав во минатото, така ќе кажам и во вашата емисија, дека при моите изјави во Македонија, при моите говори, секогаш јас ќе си го користам името Македонија како име на мојата татковина и тука не треба да имаме дилема. Тука немам намера да правам компромиси бидејќи тоа е моето загарантирано човеково право“.

Аналитичарот Петковски: Pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат) е клучниот принцип во меѓународната политика

Политикологот Љупчо Петковски во своето гостување неодамна во Дневникот на Сител телевизија рече дека , ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била антиевропска партија, ниту е антиевропска партија, туку напротив.

– Работата за Преспа е Завршена. Во меѓународната политика, клучниот принцип ви вели pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат). Дали договорите ги потпишал претходникот, политичкиот опонент, државата е таа која што треба да ги спроведе, рече Петковски.

Грците со предупредување: Нема да има европски фондови, ни членство во НАТО ако не се почитува договорот

Изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски поврзани со името, поднесениот предлог за новиот владин состав, како и гласањето во Собранието во текот на викендот, се во фокусот на онлајн изданијата на грчките медиуми, кои во главно, ги пренесуваат текстовите од државната агенција АНА-МПА.

Во текстот под наслов „Северна Македонија – Христијан Мицкоски: На заклетвата на Владата ќе го користам уставното име на земјата“, АНА-МПА пишува за вчерашното интервју на мандатарот за „Сител“ во кое „рече дека на инаугурацијата на неговата влада, за време на викендот ќе го користи уставното име на државата“.

„Истото име ќе го користи и во контактите во странство со странските лидери, како што рече. Но, во внатрешноста на земјата, како во јавните настапи, така и во изјавите ќе го користи името „Македонија“, бидејќи, како што самиот рече, името на неговата земја и татковина е „Македонија“, пишува грчката државна агенција.

Заштитните мерки во Договорот од Преспа се многу силни, инсистираше вчеравечер поранешниот лидер на СИРИЗА и грчки премиер Алексис Ципрас во разговорот со поранешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев. Настанот беше организиран од новоформираниот институт на Ципрас.
Ципрас го опиша ризикот од неспроведување на договорот како „егзистенцијален“ за Северна Македонија.

Тој ја истакна потребата од „спроведување и почитување на Уставот“, во спротивно „нема да има европски фондови, нема да има членство во НАТО, дури може да има санкции за поединци кои не го почитуваат договорот“. Ципрас и Заев го потпишаа договорот за името од Преспа во 2018 година, а сега навршија шест години од потпишувањето.

Мицкоски во 2021: Преспанскиот договор е реалност која не ни се допаѓа, ако не го почитуваме ќе имаме проблем со институциите

Ставот на Мицкоски околу ова прашање не е нешто ново и истиот е константен измиантиве години. Потсетуваме дека веднаш по победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година, Мицкоски излезе со став дека Преспанскиот договор е реалност која не им се допаѓа, но доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на институциите тогаш ќе имаат проблем со други инстанци, како обвинителство, судство.

Немам намера да се однесувам талибански

„Немам намера да се однесувам талибански, но очекувам талибански да не се однесуваат и други политичари. Целокупната институционална комуникација која е дел од законите и Уставот ја содржи и ќе ја има придавката во името на државата, и законот за реорганизација на владата го поднесовме со таа придавка, но мое право е татковината да ја именувам како Македонија“, изјави на почетокот од месецов лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за состав на владата, Христијан Мицкоски на новинарско прашање како го коментира предуредувањето од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој најави можна блокада не евроинтеграцискиот пат доколку новата македонска влада не го почитува уставното име на државата.

Мицкоски рече дека ги разбира политичките состојби во Грција имајќи го предвид предизборниот период поради европските избори, но додаде дека не очекува талибански однос и цензурирање во однос на човековото, како што рече, елементарно право како да се именува сопсствената држава.

„Сè што е дел од Преспанскиот договор, вклучително и делот за името, идната влада ќе го почитува. Впрочем, и решенија за пратеничкиот мандат што ги добивме се со придавката на името. Еве и законскиот предлог што денеска го доставивме е со таа придавка. Но мое човеково право, гарантирано со многу конвенции е правото на слобода на говор и изразувањето. Не им се лутам на политичари кога не го кажуваат целото име на нивната држава. За мене мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија. Целокупната институционална комуникација која е дел од законите и Уставот ќе биде почитувана додека се во сила. Не може да барате почитување на законите, а да сте лицемерни и да кажувате други работи. Во моите изјави името ќе биде Македонија“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека тоа ќе го каже и на Самитот на НАТО доколку биде отворено такво прашање.

„Ќе кажам дека ние сакаме да градиме мостови со јужниот, со истичниот, северниот и со западниот сосед и дека ние сме мирољубив народ и дека сакаме соработка и пријателство. Очекувам така да се однесуваат и соседите. Немам намера да се однесувам талибански, ниту пак очекувам талибанско однесување од кој било политичар. Можеме на кој било форум да отвориме дебата кој колку има реализирано од Преспанскиот договор, но сепак не би сакал да го губам времето, туку сакам разговори за инвестиции и развој“, нагласи Мицкоски.

To top