Македонија

Пренџов: Преку ЈО се прекројуваа устави и закони спротивни на волјата на граѓаните, потребен е нов закон

Пренџов: Преку ЈО се прекројуваа устави и закони спротивни на волјата на граѓаните, потребен е нов закон

Со 75 гласови „за” и ниту еден „против“, Собранието на денешната седница ја утврди потребата од донесување на Предлог-законот за Јавното обвинителство, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура. За Предлог-законот за Јавното обвинителство во наредните денови треба да се одржи јавна дебата во рамки на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Пратеникот Љупчо Пренџов на денешната седница ја потенцираше потребата од носење на овој закон потсетувајќи дека во минатото Јавното обвинителсто се користело, како што рече, како алатка за пресметка со политичките противници.

-Преку јавното обвинителство во оваа држава се прекројуваа и се носеа закони, се прекројуваат и носеа устави спротивно на волјата на мнозинстството граѓани во Македонија. Преку ЈО се интервенираше во законски решенија, во правење на поголеми или помали коалици во ова Собрание. Обвинителите беа оние кои не само што ја урнисаа сопствената доверба, туку ја урнисаа и довербата со системот. Машите беа тие, други ги даваа наредбите, истакна Пренџов.

Пратеникот нагласи дека на Македонија и треба закон кој ќе се донесе со широка јавна расправа во која ќе бидат вклучени експерти, по редовна, а не по скратена постапка во собраниските процедури.

Министерот за правда, Игор Филков при образложувањето на предлог-законот пред пратениците истакна  дека со новото законско решение се врши сеопфатна модернизација на организацијата, надлежностите и функционирањето на јавнообвинителскиот систем, со цел поефикасна борба против криминалот и корупцијата и зајакнување на владеењето на правото. Потенцира дека целта на овој закон е да се изгради модерен, ефикасен и транспарентен обвинителски систем кој ќе работи во интерес на граѓаните и ќе придонесе за поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

Тој посочи дека реформата е резултат на долг и инклузивен процес кој започнал во ноември 2024 година со формирање работна група во која биле вклучени експерти, универзитетски професори, обвинители, судии, адвокати, претставници на невладиниот сектор и претставници на меѓународната заедница, вклучително и ОБСЕ и Европската Унија.

Најнови вести од Македонија

To top