Денеска со почеток од 11:15 часот во Свечената сала во Владата претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски заедно со сопственикот и менаџер на Бреинчајлд, Ралф Хенинг Гросел ќе потпишат два договори за државна помош за два одделни инвестициски проекти кои ќе бидат реализирани паралелно од двата правни субјекти.
Бреинчајлд е компанија формирана како заедничко вложување на група инвеститори од Германија и Холандија кои креираат глобален производител на висококвалитетна спортска опрема за спортови на вода и ветер. Производите вклучуваат крила, едра и дополнителна опрема за летање и сурфање на вода.
Бреинчајлд е иновативна компанија која комбинира техничко знаење и практично искуство во целокупниот процес на производство, притоа посветувајќи сериозно време и фокус на одржливи производни практики и циркуларна економија во комплетниот производен циклус.
Брендот Бреинчајлд во Македонија има формирано две компании и тоа:
• Бреинчајлд Продукција во 2020 година и
• Бреинчајлд Производство во 2022 година.
Се потпишуваат два независни договори за државна помош за два одделни инвестициски проекти кои ќе бидат реализирани паралелно од двата правни субјекти.
Бреинчајлд Продукција е компанија која се занимава во активности за истражување и развој на новите производи, преку користење на уникатни репроматеријали, а со цел добивање на специфичен материјал кој е потребен за производство на опремата за спортови на ветер и вода. Инвестицијата е лоцирана во Битола, во постоечки објект со големина од 1500м2.
Бреинчајлд Продукција поднесе писмо за намери и деловен план за реализација на инвестициски проект за индустриско истражување на почетокот на 2024 година.
Инвестицискиот план вклучува вложувања во адаптирање на лабораторија за истражување и развој и набавка на нова современа опрема и машини. Согласно деловниот план и договорот за државна помош, предвидено е компанијата да инвестира вкупен износ од најмалку 2.500.000 евра во период од 5 години, при се планирани околу 40-тина висококвалификувани нови работни места.
Бреинчајлд Производство од друга страна е компанијата која се занимава со сериското производство на опремата и елементите. Планот на сопствениците е да изградат целосно нов објект со големина од 3000м2 во индустриската зона Жабени кај Битола и да вработат околу 200 лица. Според инвестицискиот планови, почетокот на градбата се очекува да биде во 2025 година, а во текот на следните 5 години да се заокружи инвестициски циклус од околу 8.500.000 евра.
И покрај изградбата на новиот сопствен објект, целта на компанијата е да ја зачува и надградува постоечката лабораторија за развој на нови производи и производни процеси, како и за испитување и создавање на одржливи материјали.
Како дел од активностите за поврзување со локалната заедница, Бреинчајлд отвори специјализирана школа за шиење на напредни материјали која служи како своевиден тренинг центар за планираните активности на компанијата. Покрај тоа, брендот Бреинчајлд е силно посветен на одржлив и еколошки процес преку користење на рециклирани материјали како суровини и процеси кои елиминираат некои стандардни производни пракси штетни за околината.
Предвидена е во 11:30 часот заедничка прес- конференција за медиуми да дадат претседателот Мицкоски и сопственикот и менаџерот на Бреинчајлд, Ралф Хенинг Гросел во Медија центарот на Владата.