Македонија

Предлогот за избор на претседател на државата во Собранието неприфатлив за дел од политичките партии

Предлогот за избор на претседател на државата во Собранието неприфатлив за дел од политичките партии

Предлогот на ДУИ за избор на претседател на државата во Парламентот со двотретинско мнозинство, а кое го истакна и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, е неприфатлив за дел од политичките партии.

Од СДСМ, која е коалициски партнер на ДУИ, завчера преку соопштение информираа дека оваа идеја не е нова, туку дека станува збор за реафирмирање на барањето на ДУИ од 2019 година. Социјалдемократите посочуваат дека тоа тогаш не било прифатено од нивна страна и дека остануваат на ставот дека моделот на избор на претседател на државата не треба да се менува.

-Не треба да се оди назад во демократските процеси. СДСМ останува на ставот дека Претседателот на државата треба да го бираат граѓаните на директни, непосредни избори како врвно демократско право на граѓаните. Претседателот на државата треба да биде претставник не само на мнозинската волја на граѓаните туку и на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка или друга припадност. Претседателот на државата е човек кој е над партиските и над етничките определби, ги претставува сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, сите. Само Претседател избран директно од страна на граѓаните има толку широк потенцијал, да може да делува во обединување на општественото, на граѓаните, на партиите и да придонесе за остварување на врвните стратешки и национални цели, наведуваат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека ДУИ во недостиг на реални аргументи и проекти излегува со национал – романтистички барања, како што е изборот на претседател на државата во Собранието.

-Она што е наш став е дека ВМРО-ДПМНЕ под уцени ниту разговара, ниту преговара, а најмалку пак прифаќа уцени. Ние само ќе ги повикаме граѓаните да го следат ова однесување на ДУИ и да биде тоа дополнителен мотив за сите граѓани на наредните избори да докажат дека оваа држава не е заложник на една политичка партија и дека ДУИ, како што се однесува изминативе 20 години, очигледно ќе продолжи да се однесува и наредните години, рече вчера на прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски.

На прашањето дали со условувањата е доведен во прашање цензусот за претседател, Петрушевски вели дека таквото однесување на ДУИ дополнително ќе ги мотивира граѓаните да кажат „доста е“.

Претседателот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски, кој најави кандидатура за претседател, за телевизија Сител изјави дека нема да поддржат избор на претседател на државата во Собранието, затоа што тоа би ја усложнило државата и би ја намалило моќта на институцијата Претседател.

– Вакви барања секогаш доаѓаат во предизборен период, и наводно се политичка пропаганда во функција на изборите. Но, секогаш постои една голема доза на вистинитост и искрен пристап во заложбите од страна на тој етнички блок. Македонија не може да биде заложник на никој…Она што ме загрижува првенствено како граѓанин, но и како човек што носи одговорна функција и претендира за одговорна функција во општеството, заветот на г. Ахмети. Јас од овде, давам завет дека ЗНАМ никогаш нема да дозволи во Парламентот да помине такво решение, затоа што тоа ја усложнува државата, дополнително ја намалува моќта на институцијата Претседател, која всушност треба да биде заштитник на обичниот граѓанин. Претседателот ја црпи својата сила од самите граѓани и всушност тој ги претставува покрај државата и сите ингеренции кои му се согласно Уставот и законот доверени, и граѓаните и се грижи за граѓаните, вели Димитриевски.

Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми, пак, вчера, на прес-конференција рече дека од сите политички партии очекува позитивно да одговарат на нивната идеја претседателот на државата да се избира во Собранието.

-Ако пристапиме рационално кон ова прашање, имајќи ги предвид сите ризици и тешкотии за реализирање на успешен претседателски изборен циклус, разумно сите политички партии би требало да се согласат со ова – да биде избран претседателот во Собрание и тоа не би било никаква уцена и пречка во реализирање и на тоа што следи како обврска во нашиот евро-интегративен пат. Цениме дека разумно и рационално ќе пристапуваат сите политички партии. Кога ќе се отвори Уставот, треба да дадеме одговор и за начинот на избор на претседател во Собрание, а тоа е најдобро да се реализира поради визијата на Али Ахмети, рече Адеми.

Најнови вести од Македонија

To top