Македонија

ПРЕДИЗБОРНО ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАН АНДОНОВСКИ, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ и дополнителен заменик министер во МИОА

ПРЕДИЗБОРНО ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАН АНДОНОВСКИ, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ и дополнителен заменик министер во МИОА

 

Во пресрет на парламентарни избори и вториот круг на претседателските избори закажани за 8-ми мај, идеолошкиот и аналитички центар Конзерватив МК одлучи да направи интервју со Стефан Андоновски и да поразговараме на теми од интерес за нашата публика со центар-десно политичка ориентација.

КОНЗЕРВАТИВ МК: Во исчекување на изборите кои ќе се одржат во среда, 8-ми мај, дали може да ни ги претставиш главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата доколку граѓаните одлучат вам да ви ја дадат довербата?

АНДОНОВСКИ: Работевме многу напорно на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за овие избори. Би рекол повеќе од 6 месеци, околу 200 луѓе беа вклучени во најразлични елементи од истата. Базирана на 6 столба, Платформата се залага за целосна трансформација на државата – од борба за квалитетен животен стандард, заложбата за организирање фронт против корупција, формирање на функционален систем за граѓаните во кој институциите ќе работат според законите, па сé до гарантирање на права и слободи за сите категории граѓани.
Залагајќи се за вистинско пристапување кон Европската унија, а не празни флоскули, дефиниравме поглавје „Патриотизам што обединува“. Како демохристијанска партија пред сé ќе се залагаме за брза интеграција во ЕУ. За разлика од сегашната владејачка гарнитура предводена од ДУИ и СДСМ која исклучиво мавташе со европското знаме додека Македонија 7 години стагнира и сé уште нема отворено ниту едно поглавје од преговорите со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ ќе се заложи за надминување на предизвиците кои стојат пред европскиот пат на Македонија, на достоинствен начин, и вистински ќе ја доближи земјата до ЕУ преку спроведување на длабоки реформи во делот на јавната администрација, владеењето на правото и пазарната економија. Доколку граѓаните ни ја дадат довербата, во што сум убеден, новата генерација на ВМРО-ДПМНЕ деноноќно ќе работи на европеизација на македонското општество и остварување на реален, а не фиктивен, напредок во евроинтеграциите без притоа да се нарушуваат македонските национални и државни интереси.

КОНЗЕРВАТИВ МК: Сепак, јасно е дека Бугарија во согласност со македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ успеа да издејствува ЕУ да го усвои таканаречениот „француски предлог“ и истиот да биде преточен во преговарачката рамка за Македонија. Овој чекор предизвика големо незадоволство од широкото мнозинство Македонци и македонски граѓани кои застанаа изречно против овој предлог и со денови протестираа низ улиците на Скопје летото 2022 година. Реалноста е дека сега Македонија е притисната да се усвојат уставните измени со кои Бугарите би станале составен дел од македонскиот устав. Како сметате да го надминете овој предизвик?

АНДОНОВСКИ: Точно, ВМРО-ДПМНЕ беше во првите редови на протестите целиот изминат период. Истовремено, во периодот пред и по усвојувањето на францускиот предлог излегувавме со неколку решенија за надминување на ова прашање, без притоа да дозволиме Македонија повторно да биде изиграна и понижена. Ние досега понудивме неколку решенија, почнувајќи од хрватската формула за уставот па сé до усвојување на уставните измени со одложено дејство, но власта на ДУИ и СДСМ за жал немаше слух за нашите предлози.

Едноставно мора да ставиме крај на распродажбата на Македонија и да работиме на изнаоѓање на праведни решенија кои ќе ни дозволат да напредуваме во евроинтеграциите без откажување од идентитетот. Преку отворен дијалог со нашите европски партнери ќе работиме на решавање на ова прашање на начин на кој нема да се задира во македонците национални интереси. По преземањето на власта, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги артикулира овие наши предлози на високо ниво со нашите партнери од ЕУ и Бугарија и уверени сме дека ќе успееме да изнајдеме заедничко прифатливо решение. Понижувањата и губењето на принципите, не е од интерес ниту на ЕУ ниту на Македонија а верувам дека ниту на Бугарија.

КОНЗЕРВАТИВ МК: Истовремено, не треба да се заборави дека економијата и животниот стандард остануваат високо на листата на најгорливи проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани. Дали имате конкретен план што ќе се направи на полето на економијата?

АНДОНОВСКИ: Економијата и стандардот на граѓаните се теми на кои посветивме многу време и енергија изминатиов период со цел изнаоѓање на конкретни мерки и решенија за надминување на предизвиците. Познато е дека Македонија веќе повеќе години сериозно заостанува во развојот од секаков вид, а како што може да забележиме ние сме последна држава по економски раст помеѓу државите од регионот. Веќе сериозно се чувствува долгогодишната миграција од земјата која предизвикува големи проблеми во демографијата, економијата и секојдневното живеење а секако тоа се одразува и на економскиот раст и општествениот развој. Сериозен економско-политички тим на ВМРО-ДПМНЕ ќе се зафати со робусни конкретни мерки наведени во Платформата 1198 и ќе испорачува конкретни и мерливи резултати. До крајот на четиригодишниот мандат предвидуваме остварување на зголемен економски раст од 5% годишно, намалување на буџетскиот дефицит и намалување на нивото на задолженоста. Преку отворање на нови работни места, кои ќе бидат голема додадена вредност, фокусирајќи се на зголемената работна продуктивност ќе обезбедиме и подобар животен стандард за граѓаните.

На темата има навистина што многу да се зборува меѓутоа би ги издвоил и борбата против корупцијата и борбата против сивата економија кои ни се главни приоритети. Повеќе анализи укажуваат дека процентот на сива економија се движи во рангот од 21% до 39% од БДП што е значително висока стапка. Намалувањето на овие бројки пред се зависи од самата политичка волја на владата и креаторите на јавните политики. Преку сеопфатна дигитализација на регистрите и работењето, реформирање на јавната администрација, намалувањето на бројот на институции во државата, како и регулаторната гилотина ќе го ослободиме бизнис секторот од непотребна бирократизираност, потенцијали за корупција и сложена регулатива.

КОНЗЕРВАТИВ МК: За крај, уште едно прашање поврзано со меѓународната политика. Во јуни ќе се одржат и избори за Европскиот парламент. Кои се вашите очекувања и дали сметате дека ќе дојде до поголеми промени на европската сцена?

АНДОНОВСКИ: Оние кои следат меѓународна политика на ниво на ЕУ знаат дека во 2023 имаше бран на промени во северна Европа каде што во голем број на држави победија партии кои припаѓаат на семејството на Европската народна партија (ЕПП) или се десно ориентирани. Јас очекувам овој бран да продолжи и во 2024 и да ја опфати цела Европа вклучително и Република Македонија каде што ВМРО-ДПМНЕ како членка на ЕПП ќе извојува голема победа и ќе ја формира новата влада. Демохристијанските партии се покажаа далеку поуспешни во справувањето со најразличните кризи и придонесоа кон реализација на квалитетни политики во своите држави. Граѓаните го препознаа тоа и соодветно ја дадоа својата поддршка за десните партии во Европа. Истото очекувам дека ќе се случи и на европските избори ова лето. По изборите, очекувам и едно јасно идеолошко позиционирање на идната Европска комисија, пред сé за гласачите од Европската унија да имаат јасна перспектива кои се решенијата кои им се нудат. ВМРО-ДПМНЕ како член на ЕПП негува одлични односи со нејзиното раководство и верувам дека во годините што следат ЕПП уште повеќе ќе биде ориентирана кон Југоисточна Европа и ќе придонесе за побрза и целосна европска интеграција на земјите од регионот. Накратко, иднината на Европа лежи во демохристијанските партии обединети во Европската народна партија!

КОНЗЕРВАТИВ МК: Ти благодариме на интервјуто и ви посакуваме голем успех на претстојните избори.

АНДОНОВСКИ: Ви благодарам и вам и ве охрабрувам да продолжите со вашата успешна работа и во иднина. Конзерватив МК навистина посветено работи во делот на едукација и подигнување на свеста на десно ориентираните граѓани во Македонија.

Најнови вести од Македонија

To top