Главниот политички егзекутор, слепиот послушник и најревносниот заштитник на криминалот на власта во изминативе 6 години, Љубомир Јовески, денес СДСМ го „пушти низ вода“. По 2 и пол години и 25 продолженија на матичната Комисија во Собранието, по еклатантно кршење и газење на Деловникот, власта сега се откажува од Јовески, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
-Но да не се лажеме, СДСМ преку ноќ не се претвори во добра вила, туку СДСМ се откажува од него само поради тоа што повеќе не им е потребен. Тој својата задача за која што го поставија, очигледно си ја заврши. Тој веќе не е подобен да биде уставен судија бидејќи повеќе не е јавен обвинител и нема да може да им ги крие предметите за нивните криминали и да ги штити криминалците во власта. Имено, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ веќе 6 години во сите свои јавни настапи и дискусии во Собранието кажувавме дека овој човек е канцерот на македонското судство, во чиј мандат довербата во судството ја достигна нулата. Неговиот мандат беше проследен со многу скандали, безброј непокренати обвиненија, скриени предмети, смешни пресуди, ослободување на криминалци и уште многу скандали и срамни одлуки, велат тие.
„Сепак, власта дури сега го пушта низ вода Јовески, исто како што ги пушти низ вода и Катица Јанева, но и Вилма Русковска, во оној момент кога таа повеќе не им беше потребна. Така СДСМ функционира, и со луѓето и со институциите. Така било во минатото, така е и сега. Полека но сигурно, се гледа крајот на оваа лакрдија. Доаѓа време на ревизии, на преиспитување на некои одлуки и решенија, но и на одговорност за сите злодела и криминали кои што се случија во изминативе 6 години. Одговорност и за оние кои што тие криминали ги правеле, но и за оние кои што тие криминали ги штителе. Никакви повлекувања и никакви премислувања како ова денес, нема да ги спасат од одговорност сите кои 6 години мислеа дека се недопирливи“ – посочуваат пратениците од партијата.