Македонија Институт за комуникациски студии

Потребен е интегриран национален механизам за одговор на странско мешање и манипулирање со информации

Воспоставувањето национален модел за справување со странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) ќе ѝ овозможи на Македонија да премине кон интегриран, функционален и одржлив систем за институционален одговор кон ваквите закани, беше кажано на конференцијата „Хибридни и информациски закани: од препознавање кон национален системски одговор“, што ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Потребен е интегриран национален механизам за одговор на странско мешање и манипулирање со информации

Воспоставувањето национален модел за справување со странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) ќе ѝ овозможи на Македонија да премине кон интегриран, функционален и одржлив систем за институционален одговор кон ваквите закани, беше кажано на конференцијата „Хибридни и информациски закани: од препознавање кон национален системски одговор“, што ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Странското мешање и манипулирање со информации претставуваат сериозен ризик за демократијата бидејќи имаат за цел да се поткопа довербата во институциите, да се наруши демократскиот процес и да се продлабочи поларизацијата во општеството. Македонија, како членка на НАТО, се наоѓа во геостратешки регион кој често е изложен на дезинформациски кампањи и затоа државата треба да постави национален механизам за координација и отпорност на СММИ.

Во поздравното обраќање, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека „дезинформациските кампањи не се само медиумски туку безбедносен проблем со стратешки последици“.

„Тоа е новото бојно поле. Затоа оваа конференција не ја гледам само како научна расправа туку аларм за вистинско будење. Хибридните закани не го напаѓаат само системот туку и довербата во системот и наша задача е да изградиме систем кој нема да падне на првиот силен удар на дезинформациска кампања. Наша задача е да изградиме држава која ќе ги препознае и одговори на заканите брзо и професионално. Градиме системски одговор, а не со импровизации“, посочи премиерот Мицкоски.

За да се оствари оваа цел, премиерот најави дека ќе се организираат обуки за професионализација на кадарот и ќе се издвојат потребните ресурси за да се изгради одржлив систем на отпорност.

Амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Метју Лосон подвлече дека странското мешање и манипулирање со информациите е безбедносна закана за сите сојузници и партнери во НАТО.

„Странското мешање не е дел од здравата демократија туку е закана и ја поткопува демократијата. Дезинформациите нè бомбардираат и граѓаните и новинарите не можат да проценат што е легитимна дебата од пропаганда. Затоа го склучуваме ова партнерство, како придонес кон глобалната борба против дезинформациите“, рече британскиот амбасадор Лосон.

Директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска кажа дека овој проект е логично продолжение на претходните активности на кои работеше Институтот за комуникациски студии во областа на дезинформациите.

„Странското мешање и манипулирањето со информациите е подмолна и сериозна закана која ја поткопува демократијата и ги нагласува поделбите по сите основи, го ограничува чувството на безбедност и се фокусира на ранливите категории на граѓани. Како одговор на овие закани, потребен е интегриран систем кој ќе биде обединувачки и ќе ги вклучува и академската заедница, цивилното општество итн.“ подвлече Трајкоска во своето воведно обраќање.

На конференцијата беше претставен документот за јавна политика што го изработи ИКС „Институционален одговор на странското мешање и манипулирање со информации во Македонија: модели и опции за политика“. Во документот што беше изработен во соработка со координативната група од претставници од десетина клучни институции, се наведува дека националниот пристап кон справување со хибридните и информациските влијанија е фрагментиран и реактивен, па затоа е потребно решение за координиран и одржлив систем. Анализата посочува дека нема унифицирано институционално разбирање за СММИ бидејќи не се дефинирани во домашната регулатива. Клучните институции недоволно ја препознаваат својата улога во поширокиот систем, а повеќето посочуваат на отсуство на институционална комуникација и меморија, како и на недостиг од човечки и технички капацитети.

Во документот се предлагаат три можни модели: а) создавање самостоен центар за дигитална или национална отпорност, б) формирање национален координативен механизам под Владата или в) интеграција во Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Документот за јавна политика препорачува воспоставување национален механизам заснован на меѓуинституционална координација, медиумска писменост, јакнење на јавната свест и меѓународна соработка и нуди патоказ со јасни чекори што треба да ги преземе Владата.

На панел дискусијата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ги презентираше основите на новата инфраструктура предвидена со Законот за сајбер-безбедност. Домашни, регионални и експерти од Европскиот центар за извонредност за спротивставување на хибридни закани (Hybrid CoE) говореа за европските практики и можности, регионалниот контекст и можностите за градење долгорочна отпорност.

Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

To top