Веднаш по формирањето на новата влада да се потпише анексот на Колективниот договор, порачаа денеска здравствените работници од протестот пред Министерството за здравство.
Тие побараа од политичкиот партии кои претендираат да дојдат на власт, да седнат со Синдикатот на заедничка маса и се она што го ветуваат во предизборните програми да го договорат на хартија, а потоа и да го реализираат.
Ако не се исполни барањето за потпишување анекс од кое не отстапуваат, здравствените работници најавија помасовни протести. -Во овој момент целта е да испратиме две пораки.
Масовноста на протестот ја покажува неговата сериозност, односно дека она што го испраќаме како порака е многу значајно.
Првата порака е да го искажеме нашето незадоволство од потпишувањето на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност кој требаше да се примени со оваа мартовска плата, а втората, многу појака и посилна, е до политичките партии кои претендираат да ја освојат власта – да сфатат дека веднаш по формирањето на новата влада треба да се пристапи кон потпишување на овој анекс на Колективниот договор.
Нашите две пораки се да го искажеме незадоволството и да дојдеме во ситуација да укажеме дека нема да отстапиме од потпишувањето на анексот на Колективниот договор, истакна претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски.
Според него, здравствените работници бараат политички партии кои претендираат да ја освојат власта, да најдат начин да седнат на преговарачка маса со Синдикатот и се она што го планираат во своите предизборни програми и што го ветуваат на митинзите, да се стави на хартија и да биде реализирано.
-За анексите што не беа потпишани, имаме разработено и коефициенти и математика.
На тие анекси што ги дадовме до Влада, кои поминаа на Влада и се даде заклучок, сега бараме и 15 отсто на тие анекси модифицирано поради минималната плата што се покачи во март.
Исто така, проблемите со Колективниот договор мора да ги спомнеме, последните три министри, иако инсистиравме, изработката на новиот колективен договор за здравство е 90 отсто направена.
Тоа го направи министерот Беким Сали, се формира Работна комисија и имаше мандат една година.
Тоа е скоро готова работа и усогласено е и по образование и по професии и со Закон за работни односи и со Закон за здравствена заштита.
Значи, еден апел до министерот – да се формира таа комисија што побрзо, да се доврши изработката на колективниот договор, да се стави на маса и да се потпише, рече претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
Синдикатот на клинички центар, дополни, повеќе пати апелира и му даде поддршка на претходниот министер и на тој пред него.
-Филипче ја отвори таа тема, беше ставена во програма на Влада – Клинички центар да се врати во една целина со еден директор и еден Управен одбор за да се знае што и како кој работи, бидејќи имаше шест директори, 33 управни одбори и има голем одлив на пари.
Само ако го вратат Клинички центар, со тие пари можат да ги покачат платите на вработените во здравството. Паркингот е исто така рак рана, го кажавме тоа и на вчерашните пресови.
Не може Градски паркинг само да го смета Клинички центар како инвестиција или за собирање пари.
Треба да се воспостави ред, да има контрола кој влегува, не може од двете страни да се паркираат возила, да не може болничко возило со животнозагрозувачки пациент да дојде до Ургентен центар и до другите клиники, изјави Серафимовски.
Според него, Синдикатот се залага и за оние со договори на дело и за специјализантите со приватна специјализација уште од 2012 година.
-За оние со договори на дело треба конечно да се изнајде начин, парите се обезбедени и треба да се вработат, бидејќи има луѓе со по 20 години договор на дело на клиниките, а не им тече ниту здравствено, ниту пензиско осигурување.
Кај приватните специјализанти проблемот е многу посложен. Иако постои голем егзодус во нашето здравство, приватната специјализација не постои никаде на друго место во светот.
Предлагаме луѓето да се вработат во клиниките, државата да им ги исплати специјализациите и да останат во јавното здравство за да помагаат на народот.
Инаку, вака, приватен специјализант ќе си заврши специјализација со пет години и еден ден нема да има во јавно здравство, па ќе си оди или во странство како што го прават тоа и завршените доктори, уажа претседателот на Синдикатот на Клинички центар.
Има, додаде, максимален одлив на сите профили. -Крајно време е сите политички партии да си го стават прстот на чело.
Го кажав тоа и вчера, знаеме дека има економски егзодус и од Англија одат медицински кадар во Австралија за поголеми плати и од Германија во Норвешка, во Шведска, меѓутоа немојте да се доведеме во состојба да се увезуваат здравствени работници и кадар од трети земји бидејќи од контактите што ги имаме со синдикатите од Словенија, од Хрватска смртноста кај нив е зголемена доста.
Така што, мислам дека е крајно време, ова е последен апел да имаат чувство, сенс за здравството.
Прво и основно е покачување на платите зашто се што нудат друго – градење болници, опрема се е тоа во ред, меѓутоа кој ќе работи во тие болници и кој ќе биде со таа опрема, подвлече Серафимовски.
Одговорајќи на новинарско прашање, тој истакна дека истото се повторува со секое популистичко зголемување на минималната плата.
-Ние апелиравме и пред две години дека истото се повторува со секое популистичко зголемување на минималната плата без притоа да се усогласат сите профили со тоа покачување на минимална плата дека ќе дојдеме во таква ситуација.
Затоа предложивме, сите политички партии кои претендираат да дојдат на власт да направиме еден предизборен договор, да кажат во своите програми што нудат и што можат да направат за јавно здравство, да го потпишеме тој договор за потоа по првите 100 дена од новата влада кој и да дојде на власт тоа да го испорачаат најитно што може, рече Серафимовски.
Каранфиловски во овој контекст укажа дека за новата влада мотивираноста на вработените во здравството треба да биде главен приоритет.
-Веќе кажавме дека имаме напуштање на здравствени работници од јавниот сектор.
Можеби и таа миграција која е поврзана со три приоритетни мотиви едниот ако е економски, вториот политички, а третиот професионалниот, економскиот мотив треба да значи за новата влада дека мотивираноста на вработените во здравството треба да им е главен приоритет.
Заради тоа е и денешниот протест на здравството.
Треба да сфатат дека мотивираноста на вработените во здравството е многу значајна и треба да им е приоритет во делот на нивната активност кога ќе се формира владата, рече Каранфиловски.
Според Даница Стојкова, медицинска сестра на Клиниката за гинекологија, некогаш имало по четири сестри на еден доктор, а сега е обратно.
Мора да се стави акцент и на образованието зашто во здравствени институции влегува несоодветен и неспособен медицински кадар.
-Валоризацијата на медицинските сестри и другиот персонал кој е вработен во медицинските установи малку повеќе да се разработи зашто навистина платите не стигнуваат.
Ако на некој не му стигнуваат 4 000 евра за еден месец, за нив колку се 40 илјади денари за цело семејство за еден месец. Мора да се стави акцент и на образованието.
Во овие здравствени институции влегува несоодветен, неспособен медицински кадар поминат независно низ некои филтри или ред други работи каде што и тие се вработуваат со решение за стално, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни од нив и тоа не води никаде.
Тука треба покрај Министерството за здравство и другите институции да се запраша и образованието како се вади кадар, дали е тој кадар како некогаш способен да настапи во тие здравствени институции затоа што никој дојден како пациент не би сакал да биде прифатен од нестручни луѓе, потенцира Стојкова.
Додека траеше протестот, претставниците од синдикатите беа информирани дека ќе бидат примени на средба кај техничкиот министер за здравство.
На протестот беше и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Протестот беше под мотото „Здравството на протест за плата“, а го поддржаа ССМ, Конфедерацијата и гранковите синдикати од двата сојуза и конфедерации.