Во Охрид денеска ќе се одржи Петтиот интерпарламентарен форум на делегациите од Југоисточна Европа во Парламентарното собрание на ОБСЕ.
Како што најавува собраниската прес-служба, воведни обраќања на Форумот ќе има Африм Гаши, претседател на Собранието на Македонија, Пере Понс, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ (кој ќе се обрати со видеопорака), Роберто Монтела, генерален секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Еугенио Зофили, потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Киријакос Хаџијани, потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјален претставник за ЈИЕ, и Моника Зајкова, шеф на Делегацијата на Македонија во ПС на ОБСЕ.
Темата на првата сесија на Форумот е „Сајбер-напади во Југоисточна Европа и штетите предизвикани во последните години“, на која ќе се обратат Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација на Република Mакедонија, Бленди Клоси шеф на Делегацијата на Албанија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Методи Хаџи Јанев, специјалист за дигитализација и сајбер-безбедност, и Стивен А. Њутн, главен инженер за сајбер капацитети, MITRE Corporation.
Втората сесија на Форумот е посветена на преземени мерки и идни активности за превенција од сајбер-напади во регионот на ЈИЕ, а потоа ќе има и отворена дискусија за сајбер-безбедност и законодавна поддршка.