Поранешниот директор на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје и кадар на ДУИ, а одобрен од СДС, Бујар Дардишта, заедно со уште 32 лица е осомничен за перење на пари во висина од 2 милиони евра, добиени преку местење на тендери вредни 8 милиони евра, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалното раководство на ЕСМ во 2023 година, раководено од власта на СДС и ДУИ, наместиле тендер за набавка на „СКАД Ормари мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција, а за таа цел договориле две правни лица од Скопје и Куманово да се јават на тендерот.
Едната фирма од Куманово, била пријавена со непотполна документација и со понудена повисока цена, од другата фирма од Скопје која требала да го добие тендерот.
Скопската фирма понудила речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако таа вредност не била објавена во огласот. Со овој чекор, власта на СДС и ДУИ овозможила на правно лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист од речиси 8 милиони евра“, додаде Петрушевски.
„Дополнително, за да ги прикријат делата, осомничените пуштиле во оптек, примиле и пренеле финансиски средства во вредност од 2 милиони евра, со што извршиле кривично дело перење на пари.
Прашуваме, дали ЕСМ била претворена во организирана криминална каса за партиски и лични интереси? Зошто за овој криминал ЈО не постапувало и чекало да помине толку голем временски период? Дали осомничените се само извршители на дејствието, а политичките нарачатели и заштитници се уште се недопирливи? Дали некој од врвот на минатата власт на СДС и ДУИ се уште ЈО го штити?
Времето на неказнивост помина, правда и одговорност мора да има, потенцира Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.