„Преку стотина кривични пријави имаат поднесено институциите надлежни за прогон, од коишто над 40 се за висока корупција и за високото профилирани личности. Ние дадовме шанса на овој јавен обвинител којшто е избран од СДС и ДУИ, ние имавме 16 месеци јавен обвинител којшто не беше избран од владеачкото мнозинство и му дадовме шанса да работи, нема еден граѓанин којшто ќе ви каже дека добро работи јавното обвинителство. Доживотни мандати имаат, уживаат имунитет, се што треба државата им обезбедила, она коешто се бара од нив тоа е да испорачаат неселективна правда“, рече Бране Петрушевски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на телевизија Алфа во емисијата „За или против“.
Петрушевски исто така потенцираше дека во Македонија доаѓа периодот во кој правдата ќе завладее, и дека јавното обвинителство и судството ќе бидат сочинети од компетентни луѓе кои ќе можат да се носат со функциите во правосудниот систем.
„Правдата ќе почне да се чувствува во Република Македонија, дел од овие реформски закони коишто допрва ќе стигаат во Собранието, се составен дел на планот за раст на Европската Комисија, коишто ја бараат таа реформа од нас, ќе имаме 12 закони само од овој правосуден сегмент коишто во 2026 година ќе стапат на сила, имаме во завршна фаза комплетно нов Кривичен законик“, рече Петрушевски и додаде:
„Заштитен знак во 2026 година ќе биде почеток на носење на правдата во Република Македонија, затоа што самите закони се така направени да полека го чистат тој талог во јавното обвинителство и во судството, и ќе доаѓаат луѓе на вистински позиции, луѓе коишто пред се компетентни и коишто можат да се носат со функциите во правосудниот систем. Ќе имаме добар период во 2026 за правдата во Република Македонија, тоа граѓаните го бараат, полека ги реформираме и овие најзаостанати сегменти во нашето општество“.