По 17 години со статус на земја кандидат за членство во ЕУ, сите ние, ова политичко раководство, со ваша поддршка ги отворивме преговорите, но се соочивме со две блокади, надворешната од соседна Бугарија, но и внатрешната блокада, којашто повеќе боли, од најголемата опозициска партија, рече вечерва на предизборниот митинг во Кочани, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
-Велат дека тие договори не ги признаваат и ако дојдат на власт ќе ги поништат, наместо да ги отворат и да видат што пишува во нив, дека Македонци постојат, дека македонски јазик постои и тоа никој не смее да го негира во целиот свет. Ни велат дека само како Бугари сме можеле да влеземе во ЕУ, но тоа не е точно, затоа што договорите ги има на интернет, прочитајте ги. Тоа е голема лага што им служи само да го замајуваат народот за да дојдат до власт, без да водат сметка за интересите на граѓаните. Нудат поништување на сите договори, враќање на поделбите и владеење на истиот начин како претходно, без да решат ниту еден стратетешки проблем. Ние тоа нема да им го дозволиме, на демократски начин, на избори, истакна Пендаровски.
Во своето обраќање Пендаровски одговараше и на прашања од присутните на митингот, при што истакна дека останува на ставот дека е потребен ветинг во правосудството, но тоа да ги опфати и политичарите, неколку децении наназад. Во врска со обвинувањата од опозицијата за негова поврзаност со криминални структури во Грција, Пендаровски истакна дека може лесно да се провери имотната состојба и дали има нелегално заработени пари од странство, нагласувајќи дека токму во најблиското окружување на претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ има луѓе што не би го поминале ветингот.
Попладнево претеседателскиот кандидат Пендаровски одржа митинг и во Виница, при што потсети дека иако денес се противи, Христијан Мицкоски пред извесно време на тогашниот бугарски премиер му кажал дека го поддржува Договорот за добрососедство.
-Тој веројатно заборава дека интернетот не заборава, може да нè лаже дека не го кажал тоа, меѓутоа тој на чист бугарски јазик му вели „Ште поткрепиме тој договор“. Кога Мицкоски вели дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, не сака да каже една друга негова изјава, негов став и став на неговата политичка партија, дека тие се наследници на Ванчо Михајлов. Значи вели, шефот на историското ВМРО од тоа време и денешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ се во континуитет, тој се смета за наследник на Ванчо Михајлов. Сите знаете дека Михајлов целиот свој живот се декларирал како Бугарин, додаде Пендаровски.