Политички преседан и некоректно е да учествуваш во Влада, а да не ја гласаш, порача претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за телевизијата Алсат-М, во врска со опструкциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивното неприфаќање на Талат Џафери за премиер на техничката Влада.
„Или се согласувате, или не се согласувате на техничка Влада. Можете да кажете не сакаме да даваме воопшто луѓе, но не може да го спориш предлогот кој според Законот за оваа Влада го дава парламентарното мнозинство. Ако тие предложат да биде Талат Џафери, твое е само да кажеш учествувам, или не. Не може да го спориш како поединец, или како личност“, изјави претседателот Пендаровски.
Тој изрази надеж дека ни власта ни опозицијата нема да ја комплицираат работата овие неколку дена до изборот на новата тн. пржинска Влада. За волја на вистината, додаде тој, првичните опструкции дојдоа од опозицијата, поради негласањето на Талат Џафери.
Претседателот посочи дека ако опозицијата не даде кандидати, или ако тие кандидати не бидат изгласани на парламентарната седница, нема да стане збор за техничка Влада, туку де-факто за политичка Влада.
Претседателот истакна дека треба мазно, без проблеми од ниедна страна да ја избереме Владата, затоа што таа мора да почне да функционира 100 дена пред изборите, односно до 28-ми јануари, со цел сите институции да функционираат ефикасно и во интерес на граѓаните.