Македонија самит

Пендаровски и Џафери заедно патуваат на самит во Тирана, двајцата најавија средба со Зеленски

Во Тирана денеска се одржува првиот самит Украина – Југоисточна Европа, на кој ќе учествуваат претседателот Стево Пендаровски и премиерот, Талат Џафери.

Пендаровски и Џафери заедно патуваат на самит во Тирана, двајцата најавија средба со Зеленски

Во Тирана денеска се одржува првиот самит Украина – Југоисточна Европа, на кој ќе учествуваат претседателот Стево Пендаровски и премиерот, Талат Џафери.

Како што информираа од нивните кабинети, во агендата на двајцата највиски државни функционери предвидена е средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Предвидено е да биде потпишана и Заедничка Декларација на Република Северна Македонија и Украина за евроатлантските интеграции на Украина.

Пендаровски ќе има свое обраќање на пленарната сесија на Самитот.

Во состав на владината делегацијата се и вицепремиерот Бојан Маричиќ, шефот на МНР Бујар Османи и Филип Николоски – заменик министер за финансии.

На Самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана, на кој домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, а ко-домаќин е украинскиот претседател Володимир Зеленски, своето учество го потврдија претседателите на Република Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателките на Република Косово и на Република Молдавија, Вјоса Османи Садриу и Маја Санду, премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, како и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто. На Регионалниот самит за развој на Западен Балкан во Тирана, којшто е продолжување на состанокот од минатиот месец во Скопје, ќе присуствува и комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

Ова е прва посета на Зеленски во Албанија. Според објавената агенда, се очекува Рама и Зеленски да одржат воведни говори, а потоа и средба зад затворени врати.

Самитот ќе биде заокружен со нивна заедничка прес-конференција. Во пресрет на самитот, Зеленски на платформата „Икс“ напиша дека ја цени улогата на Албанија и премиерот Еди Рама во поддршката на Украина и го нарече Рама „непоколеблив пријател на Украина“.

Најнови вести од Македонија

To top