Македонија

Пендаровски бил погрешно разбран, од неговиот Кабинет ја дообјаснуваат изјавата на претседателот

Откако медиумите пренесоа дека Пендаровски нема да се кандидира повторно, појаснување пристигна од неговиот кабинет од каде велат дека тој бил погрешно разбран.

Пендаровски бил погрешно разбран, од неговиот Кабинет ја дообјаснуваат изјавата на претседателот

Претседателот Стево Пендаровски денеска одговорајќи на новинарско прашање без да наведе зошто, кратко одговори дека не планира да се кандидира повторно за претседател на изборите закажани за 8 мај следната година.

Прашањето од новинар гласаше: „Дали размислувате за втор мандат“, на што тој одговара: „Не“.

Откако медиумите пренесоа дека Пендаровски нема да се кандидира повторно, појаснување пристигна од неговиот кабинет од каде велат дека тој бил погрешно разбран.

-Извор од кабинетот на Пендаровски вели дека станува збор за погрешна интерпретација на одговорот и дека тој сакал да каже дека во овој момент не размислува за втор мандат, зашто сака да го заврши првиот, а оти има време кога ќе размислува дали повторно ќе се кандидира за шеф на државата, објави „360 степени“.

Пендаровски е петти претседател на Македонија од 12 мај 2019 година, кој моментално е на функција. Поголемиот дел од професионалната кариера го поминал во Министерството за внатрешни работи како безбедносен аналитичар, воедно бил советник за национална безбедност и за надворешна политика на двајца македонски претседатели, Борис Трајковси и Бранко Црвенковски.

Пендаровски првпат бил кандидат за претседател на државата во 2014 година, кога бил кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеал да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат бил кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.

Најнови вести од Македонија

To top