Македонија

Пауза на 22 седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието

Пауза на 22 седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието

Непосредно по утврдувањето на дневниот ред на 22 седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која се одржува денеска и куса дискусија на барање на пратеничката Арбана Пашоли беше објавена пауза. Пашоли барањето за еден час пауза го образложи, како што рече, за да добијат можност и време за разгледување на материјалите за седницата. Таа му упати забелешка на претседателот на комисијата Ѓорѓија Сајкоски, дека материјалите не им биле доставени навреме и како што рече се чувале во тајност.

– Барам одговор зошто овие материјали се чуваат во тајност, кога не се класифицирани документи и не се поставуваат на е-парламент и да бидат достапни. На тој начин имаме време да ги разгледаме навреме и да дадеме мислење и да одлучуваме, рече Пашоли.

Сајкоски во одговорот посочи дека работењето на комисијата било транспаренто, но се случил мал превид и материјалите не биле прикачени на платформата е-парламент и се извини.

– Досега не се случило нешто да помине тајно и некој член да не биде информиран. Се случи мал превид и за кусо време тоа ќе биде реализирано на начин како што треба да биде. Должам извинување, а за волја на вистината сите материјали ви се доставени пред седницата. Текот на оваа седница ќе покаже дека тајни немаме, рече Сајкоски.

Барањето на пратеничката Пашоли беше уважено по што беше објавена пауза. Комисијата треба да донесе предлог одлуки за именување на членови на во комисии, државни агенции и член на советот на јавни обвинители и одборот за државната награда „23 Октомври“.

На барање на пратеникот Ријад Шаќири од првата точка на дневен ред беше побарана измена, односно да се расправа за утврдување Предлог – одлука за именување само за членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без првичниот предлог во кој беше наведен и претседател.

Комисијата на 22 седница ќе расправа по следните точки од дневниот ред кој го утврди на почетокот.

– Утврдување Предлог – одлука за именување на членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки,

– Утврдување Предлог – одлука за разрешување на членовите на Агенцијата за пошти,

– Утврдување Предлог – одлука за именување на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата,

– Утврдување Предлог за избор на член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија,

– Утврдување Предлог – одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ и Разно.

Седницата треба да продолжи во 13:30 часот.

To top