Македонија Признание за постигнатото, критика за слабостите

Османи очекува објективен извештај од ЕК

Османи очекува објективен извештај од ЕК

Шефот на дипломатијата Бујар Османи очекува објектвен извештај од Европската комисија, во кој ќе има признание за постигнатото, но и критика за сите слабости во државата.

-Очекувам објективен извештај. ЕК обично е објективна во своите проценки. Мислам дека ќе има и пофалби во однос на постигнувањата, се разбира ќе има и критики во однос на одреден слабости, коишто ги има државата. Токму затоа правиме напори да ги отвориме поглавјата за да ги адресираме слабостите. Ние сите сме свесни дека државата денес не е спремна за членство во ЕУ, но далеку е спремна за отворање на поглавјата за да ги адресира токму тие слабости коишто очекувам да ги констатира ЕК во извештајот, изјави Османи денеска одговарајќи на новинарско прашање на брифингот со новинари во врска со тоа каков извештај очекува од ЕК.

Комисијата в среда на 8 ноември ќе ги ги презентира годишните извештаи за напредокот на земјите кои очекуваат идно пристапување во Европска Унија. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, минатата недела за време на посетата на Скопје, во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан, рече дека колку е подобар процесот на реформи, толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување.

-Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг и се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум, изјави таа и додаде дека ЕУ сака Западен Балкан да се приклучи кон неа, а за тој процес потребно е да се подготват двете страни.

Османи денеска одговори и на новинарско прашање во врска со уставните измени, кои се услов за отворање на преговорите по кластери, нагласувајќи дека одговорноста ќе биде на тие што ќе го попречат европскиот пат на државата.

-Ние сме определени да работиме до последниот момент, да не оставиме ниту камен непревртен за да обезбедиме европска иднина за граѓаните. Меѓутоа секој ќе треба да се соочи со граѓаните поради своеволната одлука да ја кочи оваа иднина на државата, со сите последици што таа ги носи, рече Османи.

Тој на денешниот брифинг посветен на подготовките за одржување на Министерскиот состанок на ОБСЕ во земјава, како актуелен претседавач, што ќе се одржи на 29 и 30 ноември, одговори и на прашање за амбасадорско место во Париз, нагласувајќи дека не постои никаков проблем во однос на оваа позиција.

-Се разбира Франција ни е важен партнер. Токму затоа и бев на министерскиот состанок на Франкофонијата каде што сме членки. Знаете дека за Париз имаше одредено поместување од планираното, значи до сега требаше да има амбасадор, меѓутоа заради сплет на прилики моравме да ја смениме таа одлука. Така да, еве очекувам оваа група на амбасадори да тргне, откако дел помина во Комисија за надворешна политика, дел го повикувам уште еднаш претседателот да ги помине интервјуата со останатите кандидати за амбасадори и веднаш после тоа да пристапиме кон земјите каде што немаме амбасадори, рече Османи.

Во однос на барањата на Македонскиот дипломатски синдикат за зголемување на платите, истакна дека се согласува и смета дека македонските дипломати се најслабо платени во регионот.

-Мислам дека се сосема се во право, овие четири години сум сведок колку се ангажирани колку работат, а се најслабо платени. Ако некој заслужа зголемување на платите сметам дека тоа се нашите дипломати, рече Османи.

To top