Македонија

Османи: Граѓаните се ставени на фундаментален тест на изборите

Според него, во услови кога понудите на политичките партии се разликуваат во нијанси и кога главната разлика е ЕУ или други алтернативи, Унијата треба да застане во одбрана на вредностите кои ги поддржуваат мнозинството од граѓаните на Северна Македонија, а тоа се вредностите на Европската Унија.

Османи: Граѓаните се ставени на фундаментален тест на изборите

Политичкиот пејзаж во Северна Македонија никогаш досега не бил толку поларизиран како пред претстојните претседателски и парламентарни избори, создавајќи два кампуси – проевропски и антиевропски фронт, изјави вечерва во Брисел министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на панел-дискусијата на конференцијата „Позадината на дезинформациите: Зајакнување на нашите општества против манипулациите и мешањето на странските информации“, чиј домаќин беше високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

– Првпат нашите граѓани се ставени пред фундаментален тест дали ЕУ листата ќе остане победничка листа на Западниот Балкан на едни избори, истакна Османи.

Според него, во услови кога понудите на политичките партии се разликуваат во нијанси и кога главната разлика е ЕУ или други алтернативи, Унијата треба да застане во одбрана на вредностите кои ги поддржуваат мнозинството од граѓаните на Северна Македонија, а тоа се вредностите на Европската Унија.

– Верувам дека ваквата парадоксална ситуација кога 80 отсто од граѓаните го поддржуваат членството во Европската Унија, ние се уште да се прашуваме дали ЕУ листата ќе биде победничка на изборите е последица на кампањата на дезинформации што доаѓа главно од Русија, истакна Османи, додавајќи дека тоа е резултат на долгорочната кампања чија цел е одвлекување на земјите од Западниот Балкан од стратешките цели.

Според него, Западниот Балкан е посебно подложен на манипулациите и мешањето на странските информации, како „мек стомак“ на ЕУ, кој е политички остров надвор од Унијата со недовршен евроинтеграциски и делумен завршен НАТО-интеграциски процес.

Според него, отворените прашања во регионот, како сепаратистичките тенденции во Република Српска, меѓусебното непризнавање на Косово и Србија и растечката националистичка реторика во Северна Македонија, го прават Западниот Балкан плодна почва за дезинформации и тој како и пред 20 години повторно станува линија на фронтот меѓу Западот и Русија.

– Руската агресија врз Украина ја зголеми свеста за ранливоста на Западниот Балкан. Токму и пред некој ден (американскиот) претседател (Џо) Бајден изјави дека ако Русија победи во војната во Украина, што ќе се случи со Западниот Балкан. Тоа го активира алармот за важноста на регионот и верувам дека клучната битка, дури и битката на наративи и дезинформации, ќе се води во Западниот Балкан, изјави Османи.

Тој истакна тоа особено го почувствуваме во Северна Македонија, која цврсто застана во политичка, дипломатска и воена поддршката на Украина и целосно се усогласи со политиката на ЕУ на санкции поврзани со руската агресија, што земјата ја постави високо на листата на руските цели на хибридни закани.

– Тоа веднаш се почувствува во интернет сферата каде се ширеа дезинформации за намалување на довербата во институциите и традиционалните медиуми, поттикнување на омразата меѓу луѓето, што во мултиетничка средина е многу чувствително, па дури и поттикнување на внатрешни судири и немири, додаде Османи.

Според него, во тој контекст се ширеше руската реторика и пропаганда за оцрнување на Украина, дека ЕУ и Западот ја испровоцирале војната и дека владите во Западниот Балкан се виновни за инфлацијата и растот на цените.

Османи истакна дека оваа пропаганда се мултиплицира во Северна Македонија и беше само продолжение на она што го видовме во 2019 година со референдумот за промена на името, кога се поттикнуваа и се повикуваа граѓаните на бојкот.

– Референдумот пропадна поради тоа што не беше остварен потребниот одѕив, но подоцна сфативме дека тој бојкот не бил поттикнат од внатрешни политички процеси, туку воден од онлајн ботови со ширење на омраза, а мастермајнот на сето тоа бил надвор од Северна Македонија, додаде Османи.

Тој потенцира дека сведоци на таквата реторика бевме и пред членството во НАТО, како и кога беше усвоен „францускиот предлог“ за старт на преговорите за членство со ЕУ, што резултираше со протести иницирани од лажен нацрт-документ, кој не беше ни близу до она што беше договорено меѓу нас и Бугарија.

– Затоа мораме да бидеме проактивни во борбата против дезинформациите. Северна Македонија беше прва земја во регионот која усвои сеопфатен акциски план за борба против дезинформациите, подготвен заедно со НАТО и ЕУ, нагласи Османи.

Според него, Русија стои позади сите обиди за поткопување на стратешките цели на Северна Македонија, како добрососедството и внатрешната кохезија и затоа членство во НАТО се покажа како особено важно, бидејќи станавме дел од одбранбениот чадор на Алијансата, кој ја зајакнува и отпорноста на дезинформациите.

Тој нагласи дека справувањето со дезинформациите и манипулациите мора да се базира на активна транспарентност, објавување на факти, модерна комуникација и проактивост во промоцијата на вредностите, како што се различностите и солидарноста, во поттикнување на медиумската писменост и разоткривање на дезинформациите и лажните вести.

– Ние не треба да бидеме против, бидејќи не сме ботови. Ботовите тоа го очекуваат од нас, да бидеме „против“, но напротив ние треба да бидеме „за“ и да бидеме проактивни, заклучи Османи.

Покрај Османи, панелисти на Конференцијата беа и претседавачот на Специјалниот комитет на Европскиот парламент за странско мешање во демократските процеси (ИНГЕ) и прв човек на пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) во ЕП, Рафаел Глуксман, помошничката генерална секретарка на НАТО за јавна дипломатија Мари-Доа Бесасено и заменик генералната секретарка на ОН за глобални комуникации Мелиса Флеминг.

Конференцијата започна со воведно обраќање на Борел, кој оцени дека дезинформациите и лажните вести се една од најзначајните закани на нашето време и затоа мора да се обезбедат колективни одговори на манипулациите и мешањето на странските информации.

Според него, тоа е особено важно во услови кога во текот на оваа година ќе има избори во 60 земји, на кои ќе гласаат речиси половина од жителите на Земјата, па затоа е клучна ќе биде заштитата од злонаменрините содржини и манипулациите и мешањето на странските информации.

Тој потенцира дека токму демократските институции се примарна цел на дезинфромациите и затоа е потребна борба против индустријата што денес 24 часа без прекин произведува лаги, како што на времето „Форд“ произведуваше возила на лента.

Борел нагласи дека безбедноста во современиот свет повеќе не е поврзана со само оружјето, туку и со заштитата од лажнитге информации и злонамерните содржини, кои се шират како канцер.

– За да ги заштитиме нашите општества од нападите на манипулациите и мешањето на странските информации, предлагаме Акционен план за одговор, што содржи преглед на инциденти, минимизирање на нивните ефекти, насочување на публиката кон проверени информации и стратешко игнорирање на манипулациите и мешањето на странските информации, нагласи Борел во воведното обраќање, при кое го претстави и Вториот извештај на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) за странско мешање и заканите за манипулација со информациите.

Извештајот дава преглед на актуелните закани поврзани со манипулациите и мешањето на странските информации, се занимава со прашања за ефикасните контрамерки и поставува сеопфатна рамка за одговор, помагајќи им на сите засегнати страни поефективно да соработуваат во борбата против манипулација со информациите.

Најнови вести од Македонија

To top