Македонија Министерски состанок на ОБСЕ

Османи: Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички капацитет

На настанот свое обраќање имаше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој нагласи дека Самитот беше платформа за засилување на високо етаблираниот меѓународен кредибилитет на нашата земја.

Османи: Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички капацитет

Министерството за надворешни работи го одбележа завршувањето на претседавањето на Република Македонија со ОБСЕ, при што во своето обраќање шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи истакна дека е значаен овој настан за да се одбележат постигнувањата и успесите кои го одбележаа нашето претседавање со организацијата.

-Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички и практичен капацитет, професионалност и посветеност, кои кулминираа со организацијата на 30-от Министерски совет. Со донесените одлуки го остваривме планот кој го зацртавме на почетокот на Претседавањето – дадовме огромен придонес во обезбедувањето на функционалноста на ОБСЕ. Нашето претседавање беше фокусирано на луѓето, а работевме со посветеност на идејата дека ОБСЕ може да го унапреди и зачува сето она што луѓето најмногу го ценат – нивните права, нивната слобода и нивното достоинство, рече Османи додавајќи дека покажавме дека никогаш нема да отстапиме од бранење на нивната вредност, истовремено зајакнувајќи ги ваквите начела онаму каде истите беа оспорени и ставени под знак прашалник.

Според Османи, зачувувањето на начелата и заложбите значеше зачувување на нашата Организација, која оваа година се соочи со досега невидена, јас би рекол, егзистенцијална криза.

“Јас со гордост можам повторно да нагласам дека Министерскиот состанок во Скопје внесе нова енергија во нашите начела, односно нашата водилка, која силно нѐ турка напред и покрај напорите на одредени актери да ја поткопаат истата. Извонредниот успех што го постигнавме го делиме со министерства и бројни институции кои беа вклучени и учествуваа во достигнувањето на резултатите од нашето Претседавање, особено кога станува збор за организацијата на Министерскиот состанок”, истакна министерот Османи.

Османи изрази благодарност и до институциите со кои МНР соработуваше и кои дадоа значителна поддршка за успешниот Министерски совет во Скопје како што се: Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Министерството за одбрана и припадниците на воените сили на Северна Македонија, Службата за општи и заеднички работи на Владата на Македонија.

На настанот свое обраќање имаше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој нагласи дека Самитот беше платформа за засилување на високо етаблираниот меѓународен кредибилитет на нашата земја.

“Беспрекорната организација на настан од глобална важност, која нѐ направи успешни домаќини, ни овозможи да ја зголемиме нашата видливост на меѓународната сцена, но и да ја потврдиме нашата посветеност кон мирот, стабилноста, соработката и развојот. Оваа одговорност ја преземавме најсериозно, знаејќи дека безбедноста е фундаментален предуслов за успешноста на овој меѓународен дијалог. Затоа и би упатил посебна благодарност до секој еден од ангажираните полициски службеници кои со својата максимална посветеност ја исполнија зададената цел”, истакна Спасовски.

To top