Македонија ЗНМ и ЈП Службен весник потпишаа Меморандум за соработка

Олеснет пристап за новинарите до услугите на ЈП Службен весник

Олеснет пристап за новинарите до услугите на ЈП Службен весник

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и ЈП Службен весник на Република Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува партнерство насочено кон подобрување на пристапот до правни информации и унапредување на информирањето во јавен интерес.

Како што информираат од ЗНМ, преку соработката членовите на ЗНМ ќе добијат бесплатен пристап до сите релевантни закони, подзаконски акти и правни документи преку мобилната апликација на ЈП Службен весник на РСМ – овозможувајќи им постојан и лесен пристап, без разлика на времето и местото.

Иницијативата има за цел да ја зголеми правната транспарентност и да придонесе за повисок квалитет и професионализам во новинарското известување.

– Новинарите имаат право и обврска да ги информираат граѓаните точно, навремено и со интегритет. Овој меморандум претставува значаен чекор во таа насока, бидејќи пристапот до точни и проверени правни информации и консолидирани законски текстови е суштински за добро информирани граѓани, вели претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

Директорот на ЈП Службен весник на Република Македонија Владимир Кроневски истакнал дека оваа соработка е пример за функционално партнерство помеѓу институциите и медиумската заедница во насока на зголемување на транспарентноста и унапредување на демократските процеси во општеството.

– Овој Меморандум е конкретен чекор за поддршка на медиумите во нивната клучна улога – да информираат, анализираат и поставуваат прашања од јавен интерес. Веруваме дека со оваа алатка, новинарите ќе имаат уште посигурна основа за својата работа, истакнал Кроневски.

Во сооптшението се наведува дека оваа иницијатива е произлезена од барањата на новинарите, доставени до Здружението на новинарите на Македонија.

Најнови вести од Македонија

To top