Во штипскиот Основен суд денеска повторно е одложено судењето на познатиот штипски угостител Стојанче Зарков, кој е обвинет дека на 8 август во семејниот дом ја убил својата мајка. Судечкиот судија, Сашко Георгиев рече дека причина за одлогањето е здраствената состојба на обвинетиот.
-Во 10:20 часот од Затвор Куманово, каде издржува мерка притвор обвинетиот Стојанче Зарков, се јавија и го известија Судот дека се пожалил на здравствени проблеми, денес пред тргнување за Штип, заради судењето и оттаму откако бил прегледан од затворскиот лекар, констатирал дека треба да биде пренесен во болница, каде треба да му биде извршен дополнителен преглед во однос на неговата здравствена состојба, рече Георгиев.
Ова е второ одложување на постапката. Минатата недела, судењето беше пролонгирано по барање на обвинетиот, кој побара дополнително време за да го протолкува извештајот од ДНК анализите и вештачењето на ножот, кој беше приложен како доказен материјал од страна на обвинителката Тања Кацарова. Новото судско рочиште е закажано на 30 декември во 9.30 часот во Основниот суд во Штип.