Македонија Интерпелација

Очајнички крик за внимание на ДУИ: Партијата на Ахмети загуби компас и не може да се преброи

Европскиот фронт во македонското Собрание има 18 пратеници. Тоа е смешна бројка во однос на потребниот број гласови за интерпелацијата да им помине. За тоа е потребно двотретинско мнозинство. 

Очајнички крик за внимание на ДУИ: Партијата на Ахмети загуби компас и не може да се преброи

Европскиот фронт на чело со ДУИ ниту 8 месеци по изборите се нема освестено. Соочени со низа скандали за кои јавноста слушна изминатиов период за луѓе од нивните редови, партијата на Ахмети почна да крева галама за неосновани работи чиј епилог е веќе јасен и познат. Токму затоа, за утре најавените интерпелации со право можат да се наречат очајнички крик за внимание на ДУИ.

Имено, на пленарната собраниска седница за утре закажани се четири интерпелации поднесени од ДУИ за првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Панче Тошковски и за заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени.

Европскиот фронт во македонското Собрание има 18 пратеници. Тоа е смешна бројка во однос на потребниот број гласови за интерпелацијата да им помине. За тоа е потребно двотретинско мнозинство.

Ниту нивните партнери во минатата Влада, СДСМ, не им дадоа поддршка на пратениците на Европскиот фронт. И да им дадеа, ќе беше залудно, затоа што и СДСМ е со мал број на пратеници во Законодавниот дом. Партијата на Ахмети изгледа не може да се преброи, па неоснованата интерпелација им е само доказ дека работат со загубен компас.

КУРИР побара став за однесувањето на ДУИ од аналитичарот и колумнист Александар Ристевски.

-ДУИ ги покажува сите слабости на партија која над 20 години владеела. На партија која иако има поддршка од 5-6-7 % од електоратот, барем досега имало, и партија која немала повеќе од 10% пратеници во Собранието, да делува така апсолутистички. Сега удирањето од земја и немањето можност да се владее ниту на локално ниту на централно ниво, конечно ги покажува сите оние причинско-последични нешта кои беше прашање на време кога ќе ги почувствуваат. Сега токму тоа гледаме на ДУИ му се случува, ќе видиме колку реалноста ќе успеат да ја прифатат до локалните избори на кои повторно мислам дека нема да поминат нешто посебно добро, истакна тој за КУРИР.

Ристевски го коментира и однесувањето на ДУИ во врска со албанскиот јазик.

-Фасцинантно е однесувањето на ДУИ. Мислам дека полека, но сигурно почнуваат да се привикнуваат на улогата која треба да ја имаат како опозиција. Иако повеќе од сигурно е дека не им се допаѓа истата. Интересно е што никој веќе од оние битните, големи перјаници или од пратеничкиот состав не излегоа на прес-конференција. Па сега гледаме на пресот околу непотпишувањето на указот на новото законско решение од претседателката на државата Сиљановска Давкова, гледаме дека за јазикот зборува некој млад господин кој не можеше ни својот говор на македонски јазик да го прочита, а ние зборуваме за примена на јазиците. Апсолутно е фарса во една држава да се зборува за два јазика на државно ниво, секако опсегот на албанскиот јазик и никој не треба да го оспори во оние норми и граници каде што е правило секаде во светот, но да се каже дека албанскиот треба да се изедначи на ниво со македонскиот јазик и дека апсолутно е официјален државен јазик, тоа е малку фарсично, истакна тој.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.

– Но, мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики кои се неосновани и критики кои немаат никаква врска со реалноста. Но, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлече поука, многу скоро програмски ќе се реструктурираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме некредибилни луѓе. Имаме ние институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото, изјави Мицкоски

Најнови вести од Македонија

To top