Македонија

Обичаи – Кај и да си за Бадник дома да си…

Обичаи – Кај и да си за Бадник дома да си…

Гранчиња од даб под масата, кои потоа завршуваат во оган, не раскревање на храната и пијалокот од трпезата после вечерата и оставање отворен прозор кога домашните се веќе на спиење (за да може Господ да си замине откако вечерал) , се некои од обичаите карактеристични за Кочани за Бадник. Исто така, најсрекникот, кај кој што ќе се „падне“ паричката, дополнително се наградува со симболична сума пари, додека паричникот на домаќинот, бадниковата ноќ ја поминува под трпезата и масата на која се вечерало.

Иако, вообичаено тоа го прави највозрасниот маж во куќата или домаќинот, во некои делови домаќинката е таа која кравајчето со паричка го крши и ги дели искршените мали парчиња на останатите членови од семејството според возраста. Откако ќе започне да се крши од кравајчето, парчето од десната рака е за Господ, од левата за Богородица. Свеќата што се пали претходно кога во куќата доаѓа свештеник да свети вода за здравје, се чува и таа догорува за време на бадниковата вечера, која започнува откако се повикува дедо Боже да му се приклучи на семејството. Паричката од кравајчето кога ќе се пронајде се става во чаша со црвено вино, од која по голтка пијат сите членови на семејството и наздравуваат.

Постарите велат дека некогаш луѓето од овој крај, на Бадник се раздолжувале меѓу себе, при што не се мисли на пари. Тој што од комшија, роднина или пријател позајмил нешто, настојува на тој ден да му го врати. Лош збор за Бадник не се користел.

Народната „кај и да си, за Бадник дома да си“ важи и за луѓето од овој крај. Сите навечер си се дома, не одат по гости.

Трпезата, како и секаде е посна, со грав, варени компири, сарми, ошав, пилав или лапа, печена тиква, суви пиперки, костени, печени или сушени јаболки, сува модра слива. Задолжително има нешто месено или сукано, најчесто зелник со афионско семе или со зеље од праз и ориз.

Коледарчињата наутро сеуште се честа слика. Го најавуваат празничниот ден, за што добиваат „ситни“ пари, ореви, нешто месено, коледашки, бомбони…Се пали бадников оган вечерта претходно.

Сепак и овде има разлики во зависност од тоа од каде потекнува семејството, од Осоговијата или од полскиот дел на микро-регионот околу Кочани. Разлики се појавуваат дури од маало во маало.

Но, кршењето кравајче со паричка, посната и богата трпеза, дабовото или бадниково гранче и сите дома за Бадниковата вечера, и порано и сега се присутни во секоја куќа.

Најнови вести од Македонија

To top