-САД секогаш стојат зад Северна Македонија и ја поддржуваат Северна Македонија. Навистина сме горди што сме сојузници и што работиме со оваа Влада која во нејзините последни денови е домаќин на оваа важна иницијатива. Планот за раст на ЕУ не е како никој друг план што сме го виделе досега, бидејќи не треба да правите реформи за да бидете оценувани подоцна, туку ако направите одредени реформи тогаш вашите компании и вашите луѓе многу брзо ќе ги уживаат четирите слободи на ЕУ – слобода на движење и можност да работите каде сакате, слободно движење на капиталот и услугите. Тоа е суштината на заедничкиот пазар, затоа сум задоволен што сум тука со Јан Копман кој ја дизајнираше оваа програма, вели О’ Брајан.
Тој изрази задоволство што е во посета на земјава втор пат за два месеца, и што ќе има можност да разговара за оваа важна иницијатива која треба да ја забрза евроинтеграцијата на земјава и регионот.
-Имаме претставници од шесте земји на Западен Балкан. Денеска ќе работиме на две прашања – практични идеи кои ќе им овозможат на луѓето слобода да ги развиваат нивните економии и практики кои треба да ги следиме. Овој регион има многу иницијативи, а тоа што е важно е што ќе биде реализирано помеѓу состаноноците, и ние имаме план за тоа. Она што сакаме да го видиме е луѓето да добијат повеќе можности, за сите политички проблеми низ регионот секоја влада се согласи и сега јавно се согласуваат дека сите шест земји ќе мора да работат заедно за луѓето од регионот да добијат вистински можности и поскоро да станат дел од ЕУ. Денеска е добар момент и ќе се обидеме да постигнеме напредок, рече О’ Брајан.
На состанокот чиј домаќин е премиерот Димитар Ковачевски присуствуваат и српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора, Милојко Спаиќ, на Косово, Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Срѓан Амиџиќ, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија.