Измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност се најблаго речено многу коректни за бизнис заедницата и граѓаните и никого нема да „удрат по џеб“, а во Буџетот ќе се слеат дополнителни средства, оцени денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Тој, како што рече, не очекува дека поради овие законски измени ќе се намали онлајн купувањето.
Со измените и дополнувањата на Законот за ДДВ што Собранието ги усвои минатиот месец и треба да стапат во сила, се укинува ослободувањето од ДДВ за пратките нарачани онлајн во вредност до 22 евра.
-Измените и дополнувањата на Законот се најблаго речено многу коректни за бизнис заедницата и граѓаните (физичките лица). Со измените, исто така, што е многу битно, земјава целосно ќе се усогласи со легислативата во ЕУ по овој основ, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања.
Според него, анализите покажуваат дека драстични намалувања на купувањето онлајн не се очекуваат, а наплатата во Буџетот ќе се зголеми.
-Царинската управа е во целост подготвена за примена на новите измени во Законот за данок на додадена вредност со кои се укинува прагот за ослободување од плаќање ДДВ за пратки што физичките лица ги нарачуваат од правни лица. Начинот на наплата на давачки како и досега се врши во моментот на спроведување на царинската постапка на увоз на пратките, при што се применуваат законските прописи кои важат во моментот на спроведување на увозната постапка. Процесот е целосно транспарентен, при што економските оператори, учесници во процесот на посредување и олеснување на увозот на мали пратки во име и за сметка на физичките лица кои се учесници во увозната постапка, се целосно информирани за измените се со цел непречен проток и навремена испорака на стоката до граѓаните. Со измените во Законот за данок на додадена вредност се обезбедува фер конкуренција и поддршка на локалните бизниси кои се обврзани со закон и гарантираат безбедност на производите, со што се обезбедува стабилност на пазарот, подвлекуваат од Царинската управа.
Како што информираше Министерството за финансии во октомври кога законските измени беа усвоени од страна на Владата, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Николовски денеска информира и дека кумулативно, од почетокот на годината, Царината наплатила 119,9 милијарди денари приходи или 1,95 милијарди евра што е 4,7 отсто раст или близу 87 милиони евра повеќе од лани.
Раст е забележан по сите основи, 15,1 отсто од царина, 3,2 отсто од ДДВ при увоз, скоро 11 проценти од данок на моторни возила и 4,6 отсто од акциза.
-Ќе дадеме максимум да ја стигнеме бројката проектирана од Министертсвото за финансии, но за тоа ќе излеземе откако ќе помине 31 декември. Убеден сум дека ќе бидеме на некоја солидна бројка во однос на наплатата на акцизите. Ако ја видиме споредбено годинава со претходните неколку години, се гледа дека одиме во континуитет напред. Дали ќе ја стигнеме 100 процентно наплата по акциза детерминирана од Министерстзвото за финансии, не знам, тоа ќе го видиме на крајот. Имаме уште два месеца, со конечна бројка ќе излеземе по 31 декември. Не би сакал сега да шпекулирам, потенцира Николовски.