Македонија

Николоски за убиствата на Палчо: Власта негувајќи монструм, создаде Франкештајн

Николоски потенцираше дека власта на СДС и ДУИ е директно одговорна, бидејќи негувајќи монструми, создала како што рече тој Франкештајн, како и дека бидејќи истите претходно не биле казнети за помали дела, стигнале да убиваат деца.

Николоски за убиствата на Палчо: Власта негувајќи монструм, создаде Франкештајн

Во Македонија со години важи една политика на неказнивост. Треба да го видиме добро профилот на осомничените за кои се осомничени дека се извршители на овие два грозоморни чина. Се работи за лица кои што беа полициски проект добри 6-7 години во Македонија. Кои што некаде пред референдумот за името во 2018та година беа создадени како “патриотски движења“ кои што требаше да ја одземат силата на ВМРО-ДПМНЕ, па нели тие беа “патриотите“, а ние бевме “предавниците“, тие беа тие кои што се удираа во гради за Македонија, а ние требаше да изгледаме како некои помеки. А, во суштина тоа беа полициски инсталации, полициски структури со дебело криминално досие кои што одработуваа со цел полицијата да не ги казнува. И тоа обично така оди, кога негувате монструм, на крај добивате Франкештајн, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното интервју во Тема на денот на телевизија Сител за извршените убиства од страна на Љупчо Палевски Палчо.

Николоски потенцираше дека власта на СДС и ДУИ е директно одговорна, бидејќи негувајќи монструми, создала како што рече тој Франкештајн, како и дека бидејќи истите претходно не биле казнети за помали дела, стигнале да убиваат деца.

Оваа власт негувајќи монструми, на крај создаде Франкештајн, бидејќи мислејќи дека ќе останат неказнети за помали кривични дели, стигнаа до тоа да убиваат деца, да убиваат луѓе, затоа што сметаа дека вечно ќе бидат заштитени од параполициските структури на оваа власта. И тука има подеднаква одговорност и СДС и ДУИ, изјави тој и додаде:

Всушност видете каде најчесто овие луѓе гостуваа по медиуми и видете на пример каде Артан Груби гостува по медиуми, и горе доле ќе ви се поклопат работите. Така што кога ќе се претера со тие политички игри и кога тие политички игри се само во сурова заштита на сопственото владеење во Македонија, за жал и на криминал, доаѓа до вакви ситуации. И тука апсолутно има одговорност целата власт на СДС и ДУИ, затоа што не се непознати лица осомничените, не се обични криминалци од улица.

Николоски додаде дека овие радикални политички структури се поддржани од власта, потсетувајќи дека токму и поранешниот премиер од СДС Зоран Заев се фалел од собраниска говорница дека ги финансирал истите.

Трагедијата ќе беше еднакво голема да беа овие и улични криминалци кои што ги направиле овие злосторства. Но, самото што се работи за јавно профилирани личности кои што имаа добиено таква улога од параполициските структури во државата, командувани од владата на СДС и ДУИ, покажува дека контекстот е многу посериозен. И дека оваа политика од една страна на неказнивост, а од друга страна на стимулирање на говор на омраза во јавност кој што го имате на секој чекор за жал носи до вакви последици. Радикалните политички структури во оваа држава, за жал се поддржани од власта. Да ве потсетам поранешниот премиер Зоран Заев јавно од говорница се фалеше кој од овие радикални политички структури финансирал и како финансирал, рече тој.

Николоски потсети дека и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а и тој лично добивал закани од Љупчо Палевски Палчо, но полицијата тогаш не преземала ништо, односно како што рече тој бидејќи од власта не ги санкционирале за тоа од “копачи на злато“, се претвориле во суштина копачи на зло.

Да ве потсетам дека истите ликови упатуваа закани кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кон неговото семејство, кон мене лично, и не еднаш туку многу пати, никој од власта не ги санкционираше за тоа и кога имате политика на неказнивост на овие “копачи на злато“, а во суштина копачи на зло, тогаш имате резултат каков што имате, а резултатот е трагедија, истакна Николоски.

To top