Македонија Не се знае кој е лидер!

Нема крај на хаосот во Алијанса за Албанците: Таравари го прогласи конгресот на Села за незаконски

Ова сведочи за уште еден фалсификат, бидејќи само претседателот на партијата може да предложи именување или разрешување на членовите на Статутарната комисија, за што мора да се гласа во партиското Собрание.

Нема крај на хаосот во Алијанса за Албанците: Таравари го прогласи конгресот на Села за незаконски

Јавна реакција од Статутарната комисија на Алијансата за Албанците порачува дека денешниот таканаречен Конгрес на групата незадоволници во АА е незаконски и сериозно го прекршува Статутот на Алијансата за Албанците.

Статутот на Алијансата за Албанците, во член 51, предвидува Статутарната комисија да ги води постапките на вонредниот конгрес на кој се одлучува за разрешување на претседателот на партијата.

-Настрана манипулациите и фалсификатите кои му претходеа на овој фарсичен Конгрес, ние како легитимни членови на статутарната комисија на партијата го потсетуваме поранешниот претседател на Собранието,  Зиадин Села, дека Собранието на партијата на 21 јануари 2023 година избра Статутарна комисија во следниов состав: Ардиан Лимани (претседател), Кујтим Незири, Башким Бакиу, Сирија Рашиди и Атнан Незири (членови). Ние, Ардиан Лимани, Кујтим Незири, Сирија Рашиди и Башким Бакиу, секако, учествувавме на легитимниот Конгрес на Алијансата за Албанците одржан на 16 февруари 2024 година под раководство на претседателот Арбен Таравари. Единствениот член којн застана зад групата на незадоволни, е Атнан Незири, се наведува во соопштението.

Од крилото на Таравари велат дека денеска на нелегитимниот конгрес организиран од незадоволната група, се слушна дека Тирон Јахјага е претседател на статутарната комисија. Единствениот легитимен член на изманипулираната статутарна комисија беше Атнан Незири, кој реши да стане дел од фалсификат.

-Ова сведочи за уште еден фалсификат, бидејќи само претседателот на партијата може да предложи именување или разрешување на членовите на Статутарната комисија, за што мора да се гласа во партиското Собрание. Ваквите фалсификати ќе имаат правни последици, се наведува во соопштението потпишано од Ардијан Лимани, Башким Бакиу, Сирија Рашиди и Кујтим Незири.

Инаку, откако вчера Таравари го разреши Села, овој денес го возврати ударот, па го разреши Таравари.

Прашан кој е сега легален претседател на партијата, Села одговори дека тоа е оној претседател кој се избира така како што пишува во Статутот на партијата и додаде дека правото за да биде избран или разрешен го има членството на партијата и органите на партијата, а не Таравари или Села.

To top