Минатата недела е, дефинитивно, недела за паметење во Македонија. Ретко се случило, во само една седмица да „паднат“ толку познати јавни ликови, што политичари, што политиканти и директори, меѓу нив и еден судија.
Миксот на ДУИ/СДСМ извикани дејци и “тврдото атерирање“ на арогантниот Артан Груби, љубовџијата Васко Ковачевски, СДСМ пи-арџијата Коста Петров и „носителот на правдата“ Беџети делуваше отрезнувачки за јавноста, носејќи доза на оптимизам дека, конечно и за промена, зулумот и арамилакот ќе престанат да бидат неказнувани. Оној збор кој дефинитивно фалеше во изминатите седум години на резил и апатија. Хроничниот недостиг на зборот ОДГОВОРНОСТ.
Промената е и што по празнина од неколку години, „гласот“ за криминал на функционер на ДУИ допре до Јавното обвинителство. Не дека се разбудија, но шефот им Коцевски не можеше и натаму да се прави „на Тошо“, затоа што зад јавното барање застана САД, со директен апел/указ од амбасадорката Агелер. Зачинети со гласните барања на Власта и јавноста, ова беше понуда која ЈО не можеше да ја одбие. Читај, не смееше…
И замислете, откако Јавното обвинителство оформи предмет за Артан Груби и судијата Енвер Беџети кои се најдоа на американската црна листа, истражител од Истражниот центар на Јавното обвинителство се „дрзна“ и веќе ги побарал и презел сите списи од Судскиот совет поврзани со овој случај. Можело и така, да не ги боли мешето, да немаат дијареа, да не ги чуваат предметите во фиока. Аирлија, рече народот.
Васко Ковачевски можеби е во бегство, но клопчето со мега-милионскиот криминал во РЕК Битола почна да се одмотува, заедно со целата банда поврзана со него, ликови од кои ќе прозилезат и други ЛИНКОВИ со политичка проминенција, од екс врвот на СДСМ. Ова беше бизнис на фамилијата која ја дрма Бихаќка и ден-денеска, ама на која и доаѓа крајот. Ако не верувате, прашајте го Груби. И Ахмети…
Трасна и пиарџијата број еден на Заевци, Коста Петров. Творец на најпосмешливиот, најурнебесен дно-дна партиски имиџ во историјата на Македонија, сигурно се сеќавате на есдесемовките кои играа во короната и пееја партиска песна. Толку за неговиот лик и дело, тоа припаѓа на смешните страници на историјата.
Новото е што Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против поранешните директори на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили (ДУИ) и Коста Петров, кадар на Заев. Повторно вест од рубриката „Верувале или не“, нели?
Двајцата се осомничени дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и дека овозможиле незаконски исплати на грантови. Предметите се однесуваат на три сомнителни проекти како „Грин хојо“, „Фротирка АД Делчево“ и „Тајната на Римјаните – Пинса Романа“, при што финансиската штета надминува 23 милиони денари. Што знае дете што се 400.000евра, нели?
Овие пет лика на директори, први вицепремери и судии се само интро во гротескната криминална приказна за аздисот и криминалот кој наочиглед на сите – владееше во Македонија. Интересно е што никој не е изненаден од обвинувањата и ликовите кои се во игра. Сето ова со РЕК-от и Фондот за иновации беше јавна тајна. Спрегата ДУИ-судство ја знаеја и малите деца, а за афинитетите на Артан цвркотеа и врапчињата. Требаше, само да се смени власта.
Надежта е дека ова е само почеток. Велат, и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Тогаш, ајде, велат познавачите„првиот чекор“ нека бидат Груби, Ковачевски, Беџети, Петров и Халили.
Една работа е факт. Не очекува „интересен“ период во Македонија. Кој вели дека правдата е досадна и не е интересена тема? Времето што следува ќе ги демантира ваквите тврдења. Не мора да се кладиме…
Љупчо Цветановски